Рецептот за „леб-кифли“ на Верица Николиќ е нешто што мора да го приготвите доколку ги сакате домашните печива. Тестото е толку многу меко и мирисно, што секој посегнува по уште едно парче. „Ако досега не сте го испробале овој рецепт, препорачувам тоа да го направите“, вели Верица. Еве што ви е потребно:

ЛЕБ КИФЛИ – Рецепт и фотографии на Верица Николиќ




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 мл млеко, 40 г шеќер, 1 јајце, 1 кесичка сув квасец (10 г), 480 г брашно, 1 мала лажичка сол, 50 г омекнат путер. За премачкување на тестото: 1 жолчка, 1 лажичка млеко

ЛЕБ КИФЛИ – Рецепт и фотографии на Верица Николиќ




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете топло млеко, додајте шеќер, едно јајце отстојано на собна температура и со жица-маталка малку измешајте колку да се рамати јајцето и да се растопи шеќерот.

ЛЕБ КИФЛИ – Рецепт и фотографии на Верица Николиќ




Потоа додајте го сувиот квасец и повторно промешајте. Покријте го садот со кујнска крпа и оставете 5-10-тина минути настрана, додека да се активира квасецот и да запени. Потоа започнете постепено да го додавате брашното помешано со сол.

ЛЕБ КИФЛИ – Рецепт и фотографии на Верица Николиќ




Најпрво измешајте ги сите состојки со виљушка додека да се соединат, а потоа рачно замесете го тестото. Додајте го и омекнатиот путер, па заедно месете сè додека тој да се инкорпорира во тестото.

Треба да добиете меко и малку лепливо тесто, но такво треба да биде за да добиете памук-меки кифли. Оставете го тестото во садот и покријте го со кеса или кујнска крпа. Потребни се 90-тина минути да одмори за убаво да ферментира и да го удвои својот волумен.




Калап за торти или соодветен сад со приближна величина од 26х26 см обложете го со хартија за печење и оставете го настрана. Стасаното тесто истресете го врз набрашнета работна површина и обликувајте во топка, па поделете го на половина.




Земете ја првата половина од тестото и исечете ја на три приближно еднакви делови. Потоа секој дел исечете го на половина, така што ќе добиете шест делови. Обликувајте ги во топчиња. Истата постапка повторете ја и со вториот дел, така што на крај ќе добиете 12 топчиња.




Топчињата покријте ги и оставете ги на топло да одморат половина час. Потоа земете го првото топче и развлечете го во елипсовидна тенка кора, со рамни страни и дебелина од 2 мм. Свиткајте ја во кифла и ставете ја во приготвениот сад.




Постапката повторете ја и со останатите кифли, а потоа покријте ги и оставете ги да одмораат уште половина час за малку да нараснат. Стасаните кифли премачкјате ги со мешавина од изматена жолчка и млеко.




Рерната ставете ја да се згрее на 180 степени, па ставете го тестото и печете 20-тина минути или додека убаво да зарумени. печеното тесто префрлете го врз решетка за леб, прекријте го со кујнска крпа и оставете го 10-тина минути малку да подизлади. Рецепт и фотографии на Верица Николиќ.