Навистина не знам зошто така се викаат кога се исти како и класичните кроасани – можеби затоа што постапката е многу пократка а ефектот е ист.
Се прават за многу пократко време од класичните, бидејќи за нив тестото го делам на 16 топчиња за да ми бидат кроасаните полиснати и повкусни, а за ова постапката е многу поедноставна и полесна, па мислам дека следниот пат ќе ги направам две дози.
Фантастично се меки и крцкави, а се разлистуваат како тестото да сте го диплеле 800 пати!
Потребни состојки:
40 г свеж квасец
400 мл млеко
1 лажица шеќер
1 лажица сол
50 мл масло + 1 лажица
500 г остро брашно
100-200 г меко брашно
200 г путер
1 јајце
Семки или морка сол
По желба нешто за полнење
Постапка:
Путерот ставете го во замрзнувач. Загрејте го млекото да биде топло па додадете го издробениот квасец, шеќер и една лажица брашно. Измешајте па оставете да се активира.
Кога квасецот ќе нарасне додадете 500 г остро брашно и добро со лажица измешајте. Смесата ќе биде доста цврста. Долејте 50 мл масло и додадете сол па повторно убаво измешајте.
Додадете уште малку меко брашно па со раце добро измесете го. Потребно е малку брашно, околу една рака, па ако тестото многу не се лепи на раце, доволно е. Во спротивно додадете уште малку и повторно измесете.
Прелијте со лажица масло, премесете, обликувајте топка, прекријте со крпа и оставете 45 минути на топло место за да нарасне.
Кога тестото ќе се удвои извадете го и премесете го, па развлечете го во правоаголник.
Дебелината на тестото нека биде околу 5 мм а тестото развлечете го во кора со димензии 60х40 см одокативно.
Изрендајте цел путер врз целата површина, па свиткајте во ролат. Пресечете го на 4 еднакви делови и оставете 15-20 минути покриено со крпа, за да не се суши додека кисне.
Земете го првото парче, наросете со брашно па развлечете правоаголник, па потоа исечете го цик-цак во тријаголници. На почетокот од секој тријаголник ставете фил и свиткајте кифличка.
Кифлите редете ги во плех, премачкајте ги одозгора со изматено јајце и наросете со семки по ваш избор (може и не мора).
Оставете ги во плехот да одморат 20 монути, па дури потоа вклучете ја рерната да се загрее на 220 степени. Печете додека да заруменат или околу 15-20 минути, во зависност од рерната.
Можете да ги послужите топли.
Ова е рецепт од Сашината кујна за кое има видео рецепт:
¼ квасец
1 лажица шеќер
2 лажици брашно
200 мл млака вода
Се меша и остава покриено 10 минути за да се активира квасецот.
Потоа се додава 350 г брашно
1 лажиче сол
4 лажици масло
Убаво со лажица се замесува, а потоа се доработува со рака додека да добиете убаво мазно тесто кое не лепи на раце. Покријте го тестото и оставете го да кисне половина час. Размесете го па додадете 50 г омекнат путер.
Убаво премачкајте го, завиткајте го со проѕирна фолија и оставете го најмалку два часа во фрижидер, а може и преку ноќ. Може дури да стои и два дена, пред да одлучите да ги правите кроасаните.
Тестото со раце развлечете го во правоаголна кора, исечете го од крај до крај цик-цак во тријаголници, а потоа секојтријаголник виткајте го во кроасан.
Наредете ги во плех обложен со хартија, премачкајте ги со јајце и оставете ги да киснат 45 минути. Потоа печете ги на 200 степени околу 15 минути.
Постапката погледнете ја во видеото: