Ладна салата за која ви треба 5 минути да ја подготвите, а после уште 5 да ја изедете. Може да ја правите во количина која ви одговара, но на оваа салата нема да се штедите. Кај нас дома се јаде за час, затоа ја правам како предјадење. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 6 клавчиња пченка, 1/4 шолја мајонез, 1/4 шолја павлака, 1/2 чаша рендан кашкавал (може и сирење). Од зачини: сол, црн, црвен пипер, чили (опционално), магдонос за наросување. Се користи шолја од 150 мл.




ПОСТАПКА: Сите клавчиња пченка завиткајте ги одделно во алу-фолија и ставете да се испечат во рерна околу 15 минути, или на скара додека да потемнат. Претходно може да ги посолите, но и не мора, во салатата се додава сол.

Испечените клавчиња исечете ги на зрнца и директно префрлајте ги во еден подлабок сад каде што ќе го подготвите остатокот од салатата.




Доколку немате клавчиња, може да користите замрзната кесичка, 2-3 пакувања. Во тој случај, сварете ја пченката како што е насочено на пакувањето (се вари околу 5-10 минути), а потоа се процедува од водата.




Во пченката, додека е уште врела може да додадете малку путер, за уште покремаст вкус. Додајте го мајонезот, павлаката, а потоа зачинете по вкус со сол, црн и црвен пипер, а може да ставите и мексикански зачини или лут сос, доколку го сакате тој вкус.




Салатата се меша, а потоа се додава ренданиот кашкавал и сите состојки се соединуваат. Салатата може да ја префрлите во елегантен сад и убаво да ја распоредите, а одозгора наросете ја со ситно сечкан магдонос. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ, а во продолжение прочитајте уште еден рецепт за многу вкусна салата со пченка.




Оваа салата брзо се приготвува, многу е едноставна а одлична е како додаток на трпезата, одговара со секакво печење. Обично се приготвува за разни слави заедно со руска салата и туршија.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 600 г свежи шампињони, 200 г пченка, 6 лажици масло, 1 лажица сув зачин, 400 г кисела павлака, 200 г мајонез, 1 лажичка мирудија, 1 лажичка магдонос.




ПОСТАПКА: Исечкајте ги печурките на листови, додајте масло и зачини, па пропржете ги на оган. Печурките ќе испуштат течност штом се загреат, па затоа нема потреба да се додава вода. Динстајте ги додека да испари течноста а печурките малку да се пропржат на масло. Тоа трае околу 10-15 минути.




За тоа време во друг сад ставете пченка да се готви. Печурките оставете ги да изладат, почекајте пченката да се свари па исплакнете ја со ладна вода, па и неа оставете ја да излади и да се процеди.




За тоа време промешајте павлака, мајонез, сув зачин и магдонос. Во печурките и пченката додадете павлака и мајонез и сето соединете го со лажица. Оставете да излади во фрижидер, а пред послужување извадете ја салатата 10-тина минути на собна температура.