Една од омилените баклави е таканаречената „ладн баклава“ која има совршена комбинација од млеко, какао и ореви или ф‘стаци. Секој што ја пробал побарал и второ парче.
Според истиот рецепт можете да направите и „бела баклава“, само наместо ореви користете лупени лешници и кокос. Млечниот сируп ја прави совршена. За вас го одбравме најлесниот рецепт. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 мл млеко, 2,5 шолја шеќер (шолја од 180 г), 1 лимон, 250 г путер, 400 г ореви, 450 г готови тенки кори за баклава, какао за наросување (по желба може да користите нестле, несквик, краш експрес и слично засладено какао или незасладено органско какао во прав. Некои користат чоколадо во прав).
ПОСТАПКА: Со голем нож исечкајте ги оревите врз даска за сечење, но не премногу ситно. Може да користите и блендер. Потоа пригответе го преливот: во едно тенџере ставете го млекото и додајте го шеќерот.
Ставете на оган да се загрева, па од моментот на зовривање оставете да врие 3 минути со повремено промешување, па тргнете од оган и оставете да се олади. Врз топлата баклава се прелива кога целосно ќе се олади сирупот.
Путерот ставете го во друго помало тенџере и додајте еден лимон исечен на тркалца (извадете ги семките и претходно истретирајте ја кората во раствпр со оцет или сода бикарбона). Ставете да се растопи на тивок оган или во микробранова печка.
Корите отворете ги на работна површина и преполовете ги одеднаш на половина (според величината на плехот во кој ќе ја печете баклавата. Големината на листовите треба приближно да одговараат на плехот, но може и дополнително да ги коригирате).
Плехот за печење (средна величина) намастете го на дното и страните со растопениот путер. Постапвете еден лист на дното, па и него намастете го со путерот (најчесно и најдобро е да користите силиконска кујнска четка за мачкање).
На овој начин наредете седум кори една преку друга. И седмата кора убаво премачкјате ја со растопениот путер, па врз неа рамномерно распоредете половина од оревите. Со рака поминете преку површината за да се изедначат.
Потоа продолжете ја постапката на редење, па наредете уште шест (или седум) листови, секој лист посебно премачкан со растопен путер. Потоа наросете ги преостанатите ореви и рамномерно распоредете ги.
Врз оревите повторно наредете уште 6-7 (преостанатите) кори, секоја посебно премачкана со растопен путер. Ако ви е полесно, уште на самиот почеток поделете ги корите на три делови. Кај мене во првиот слој имаше 7 листови, а во следните два слоја по шест.
Потоа баклавата исечете ја на коцки и одозгора прелијте ја со преостанатиот путер. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 150 степени 40 минути, а потоа намалете на 100 степени и печете уште 20 минути.
Печената баклава додека е топла полека прелијте ја со изладениот млечен прелив и оставете да се впие и олади. Потоа одозгора декорирајте со какао/чоколадо во прав. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.