Компирот е навистина чудесна намирница која може да се подготви на најразлични начини од варен до печен или пржен. Корисен е во комбинација со секој оброк, а најчесто се подготвува како прилог на некои врвни специјалитети. Децата го обожаваат како крцкав помфрит. А за бебињата е идеален кога ќе се подготви како пире.
Компирот е намирница богата со јаглехидрати, неопходна за сите возрасти. Има значително помалку калории (85 кал / 100 г, додека тестото има 150 кал / 100 г) и содржи околу 20% јаглехидрати кои му обезбедуваат на организмот енергија.
Затоа на спортистите им се препорачува да јадат компири три часа пред тренинг за да избегнат хипогликемија и да го зголемат нивото на шеќер во кр-вта токму во моментот на зголемен физички напор.
Компирот содржи 22 видови минерали. Првенствено содржи калиум (410 мг / 100 г), што е важно за правилна мускулна контракција и срцева функција. Исто така, содржи железо и магнезиум, чиј недостаток понекогаш е одговорен за чувството на замор.
Што се однесува до витамини, компирот содржи витамин Ц (40 мг / 100 г) и витамини од групата Б, кои му овозможуваат на телото да користи енергија од јаглехидратите. Содржината на целулоза (1,5 г / 100 г) не е занемарлива, што ја олеснува работата на цревата и ја забавува апсорпцијата на глициди и масти.
Компирот може да се подготви на најразлични начини, но претходно тој мора добро да се измие и да отстои во ладна вода најмалку 30 минути за да се ослободи од сета нечистотија и бактерии, а најважното да се измие од скробот. По потреба, исплакнете го во неколку води.
Еден од попуарните рецепти за подготовка на компирот, истовремено и најинтересен поради изгледот, структурата и вкусот, е во форма на солени палачинки. Солените палачинки од компир се едноставно и многу вкусно јадење кое лесно се подготвува. Во првата можност направете ги, а вашите најмили ќе бидат воодушевени од вкусот.
I РЕЦЕПТ – Потребни состојки: 2 јајца, 2 супени лажици брашно, 1/2 лажичка сол, 1/4 лажичка црн пипер, малку црвен пипер, 6 или повеќе излупени компири, 1/2 шолја ситно сечкан кромид, малку масло за готвење.
Подготовка: Измијте ги компирите под млаз вода пред да ги излупите од кората. Откога ќе ја излупите кората, повторно исплакнете ги и започнете да ги рендате во длабок сад со ладна вода. Изрендајте го или ситно исечкајте го и кромидот, па ставете го во садот со изренданите компири.
Водата во садот треба да ги покрива сите изрендани компири и кромидот. Оставете ги компирите и кромидот да отстојат 20 до 30 минути во водата.
Во меѓувреме, во длабок сад ставете ги јајцата и изматете ги. Малку посолете ги и зачинете со мелен црн пипер и црвена зачинска пиперка во прав. Измешајте ја смесата да се соедини убаво. Доколку сте љубител на лук во гранули или чили, исто така може да додадете во смесата со јајца.
По отстојувањето на компирите и кромидот, убаво процедете ги ги и ставете ги во кујнска крпа за да се впие вишокот влажност. Не избрзувајте со овој процес, компирите мора да бидат целосно суви пред да се подготвуваат.
Во садот со компирите и кромидот додадете ја смесата од изматени јајца и зачините, па убаво распоредете ги сите состојки додека да станат компактни. Вака подготвената смеса оставете ја да отстои 5 минути покриена со фолија.
Загрејте нелеплива тава со малку масло на средна температура и ставете по 1 – 1, 1/2 супена лажица од смесата во загреаното масло. Пржете ги палачинките по 2 – 3 минути на секоја страна додека да заруменат.
Истата постапка користете ја за сите палачинки. Испржените палачинки ставете ги на хартија да се исцедат од вишокот масло и малку да се оладат. Деталите од целата постапка може да ги погледнете ОВДЕ.
II рецепт: Француски компири
Ви претставуваме еден врвен специјалитет наречен ”Француски компири” кој веднаш ќе исчезне од трпезата.
Потребни состојки: 8 компири со средна големина, 5 јајца, 4 виршли, 100 г димен врат. За прелив: 2 јајца, 200 мл кисела павлака, 100 мл млеко. Останати состојки: прстофат сол и црн пипер, малку масло.
Подготовка: Ставете ги компирите во големо тенџере наполнето со вода. Компирите може да ги готвите неизлупени, но претходно добро измиени. Ставете го тенџерето на рингла со средна температура и додадете малку сол. Покријте го тенџерето со капак и гответе ги компирите околу 40 минути.
Во меѓувреме подгответе ги виршлите и јајцата. Во друго тенџере ставете ги виршлите на рингла и откога водата ќе зоврие гответе ги уште 5 минути. Јајцата гответе ги 10 минути по зовривање на водата.
Сварените виршли префрлете ги во чинија и оставете ги да се оладат на собна температура. Излупете ги јајцата и оставете ги да се оладат на собна температура исто како и виршлите.
Кога компирите ќе се сварат, исцедете ја водата од нив и започнете со сечкање. Најпрво исечете ги виршлите на кругчиња со дебелина околу 5 мм. Исто така и јајцата исечкајте ги на кругчиња со истата дебелина. Бидете претпазливи при сечењето на јајцата за жолчката да не се распадне. На крајот подгответе ги компирите.
Излупете ја лушпата доколку претходно не сте ја излупиле, а потоа исечкајте ги компирите многу претпазливо со истата дебелина како виршлите и јајцата. Варениот компир лесно се распаѓа па затоа користете остар нож при сечењето.
Во тава (28×28) намастете со малку масло и распоредете со четка низ целата површина на тавата. Потоа започнете да ги редите компирите на дното од тавата, да биде целото покриено. Првиот ред компири малку посолете го и зачинете со малку црн пипер.
Потоа додадете еден слој сечкани виршли, а над нив рамноменро наредете ги јајцата. Врз јајцата ставете нов слој на компири и повторно зачинете ги. На врвот ставете димен врат (или нешто сувомеснато по ваш избор) кој ќе ја покрие целата површина на компирите.
На крајот подгответе го преливот. Во посебен сад ставете ги јајцата, посолете и изматете ги убаво. Потоа додадете го млекото и киселата павлака и соединете ги сите состојки. Смесата прелијте ја врз тавата со компири и распоредете подеднакво насекаде.
Во претходно загреана рерна, печете ги компирите на 180 степени околу 40 минути. Францускиот компир е подготвен за послужување, а највкусен е додека јадењето е се уште топло. Деталите од целата постапка погледнете ги ОВДЕ.
III РЕЦЕПТ – Крцкави компири подготвени на шведски начин
Овие крцкави компирчиња се нарекуваат Хазелбек, во чест на ресторанот каде за првпат се подготвени.
Потребни состојки: неколку компири (во зависност од количината која сакате да ја подготвите), малку масло, прсофат сол и црн пипер, неколку листови ловоров лист.
Подготовка: Исечете ги компирите на колку можете потенки парчиња. Но, компирите не ги сечете до крај, негде при средината оставете ги споени заедно. Интересен трик за компирите да бидат сите еднакво и тенко исечени е да ставите дрвени стапчиња за ражнич од двете страни по должината на компирот.
Така компирот нема да ви се лизга, а вие рамномерно ќе го исечете на еднакви парчиња и компирот ќе остане споен од долната страна. Истата постапка повторете ја со другите компири.
Откога ќе ги исечете сите компири ставете ги во тава обложена со хартија за печење. Врз компирите полијте со малку масло, прстофат сол и црн пипер. Помеѓу некои од компирите може да ставите парле ловоров лист.
Во претходно загреана рерна, ставете ги компирите да се печат на 180 степени околу 20 минути. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.