Рецепт и видео прилог на Моја Мала Кујна – Кроасан погача.

Мој совет – кога ви доаѓаат гости секогаш да избирате проверени рецепти. Направете ја еднаш оваа фина погача, па секогаш ќе имате проверен рецепт за приготвување на погача во случај да ви се најават гости.

Оваа погача излегува голема, а се прави од 700 г брашно, па така, може да ви послужи за обилен ручек или кога ви доаѓаат повеќе луѓе. Гостите ќе бидат задоволни како од вкусот, така и од изгледот, а вие ќе бидете горди домаќини. Погачата е мека и следниот ден ако ви остане.

Потребни состојки:

700 г меко брашно
500 мл млеко
10 г сув квасец (1,5 кесичка) или 30 г свеж квасец (2/3 коцка)
1,5 лажица шеќер (околу 15 г)
1 лажица сол (од 8 до 10 г)
масло за премачкување

Постапка:

Пригответе го брашното и додадете ги сите останати состојки освен маслото. Месете само кратко колку да се соединат состојките. Поклопете и оставете на собна температура околу 10 минути.

После 10 минути премесете го тестото за да се развие глутенот и да може тестото поубаво да стаса. Месете околу 3 минути или подолго. Вратете го тестото во садот и оставете го да стасува 30-45 минути. Потоа истресете го врз набрашнета работна површина и формирајте го во топка.

Развлечете кора со дебелина од 4 мм, па исечете ја на 16 еднакви триаголници. Свиткајте ги како кроасани или кифли. Тепсија 32 см обложете ја со хартија а ѕидовите малку намастете ги со масло. Распоредете ги кроасаните и одозгора премачкајте ги со масло.

Оставете ја погачата да стасува на собна температура околу половина час, па ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу 25 минути. Кога е печена премачкајте ја со путер или масло. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото: