Ова беа моите омилени колачи од детството, едните се крешенти, а другите орасници, и двете многу слични по вкус. Крешентите се навистина преубави, ровки, ситни колачи кои по вкусот потсетуваат на орасниците.

Едноставно се приготвуваат, а кога и да ги приготвува, дома ми ги изедуваат додека половината сè уште не ми се споени. Најпрво ќе ви откријам рецептот за крешентите, а потоа и орасниците, и двата се проверени рецепти:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за крешенти): 350 г меко брашно, 150 г шеќер, 1 ванилин шеќер, 1 лимон – кора (јас ставив кора од портокал бидејќи немав лимон, и излезе супер), 200 г путер / маргарин, 2 жолчки, 1 јајце, 2 лажици рум (кој нема или не сака, нека го замени румот со млеко)

За натопување на колачињата: 2 белки, 150 г мелени ореви (во мојот случај блендирани). За лепење: 100 г чоколадо, 2 лажици масло




ПОСТАПКА: путерот мора да биде омекнат на собна температура за да може убаво да се замеси. Додајте ги сите состојки: брашно, шеќер, ванилин шеќер, рендана кора од лимон, јајце, жолчки, а јас додадов млеко зошто моите деца не го сакаат мирисот на рум.




Замесете го тестото. На почетокот е малку суво, но полека како што го месите путерот ќе се отпушти и убаво ќе се меси. Кога тестото е готово, откинувајте мали парчиња и валајте ги меѓу дланките, со величина нешто поголеми од лешник.




Во еден мал сад ставете ги двете белки и малку изматете ги во виљушка, а во друг сад ставете мелени ореви. Садот со белки наполнете го со топчиња колку што собира, а потоа пренесете ги во мелените ореви и извалајте ги.




Оревите многу се лепат за прсти, па најдобро е да ги вадите со лажица или штипалка или со друго помагало, за да немате контакт со раце. Значи не ги натопувајте прстите во белката, зошто „лом“ ќе се направите.




Додека ги правите топчињата, вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени. Редете ги во намастен плех и ставете да се печат околу 20 минути. Од оваа мера излегуваат две полни тепсии од рерна.




Печените топчиња оставете ги да се оладат, па спојувајте ги две по две и редете ги на тацна. Може веднаш да се јадат. Ако ви се допаѓа овој вкус, можете да си направите орасници од само 4 состојки, многу брзо и едноставно, а рецептот можете да го прочитате подолу:




Поедноставно а повкусно од ова не можете да најдете. Едноставно, овие орасници се неодоливи! Слатки, вкусни, се топат во уста. А толку лесно се приготвуваат, би било штета да не ги пробате. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за орасници): 2 јајца, 250 г мелени ореви, 250 г сечкани ореви и 180 г шеќер во прав

Постапка: со виљушка изматете ги јајцата со шеќерот. Додајте мелени ореви и убаво изедначете ја смесата. Со рака формирајте кифлички, а секоја кифличка валајте ја во ситно сечкани ореви.




Редете ги во плех обложен со хартија за печење. Рерната загрејте ја на 180 степени, па готовите орасници ставете ги да се печат околу 35 минути. Извадете ги, изладете ги и уживајте во нивниот вкус. Многу, многу едноставно. / Сооlinarika.com