Многу брзо се приготвува, кога ќе излади е вистински освежителен кремаст колач.
Потребни состојки: 500 г бисквити. За фил: 1 литар млеко, 4 јајца, 250 г путер / маргарин, 16 лажици шеќер, 3 лажици брашно, 3 лажици гриз, 2 лажици густин и 2 кесички шлаг
Постапка: од литар млеко одвојте една шолја, а остатокот ставете го на оган да се вари со 250 г путер. Изматете 4 жолчки со 8 лажици шеќер, па додадете 3 лажици брашно, 3 лажици гриз и 2 лажици густин.
Во ова додадете шолја млеко (што ја одвоивте претходно), добро изматете да нема грутки и добиената смеса постепено додавајте ја со постојано мешање во зовриеното млеко. Варете го кремот додека да згусне.
Посебно изматете 4 белки со 8 лажици шеќер во цврст снег (шеќерот постепено додавајте го додека матите). Снегот од белки вмешајте го во врелиот, претходно сварен крем и со лажица измешајте убаво да се соедини.
Во меѓувреме, поголема тепсија (мојата е 23х39 см) наредете ја со еден ред бисквити. Не е потребно да се натопуваат во млеко.
Преку бисквитите излејте го врелиот фил и израмнете ја површината. Филот полека истурајте го за да не се поместуваат бисквитите (или можете на дното многу тенко да намачкате фил кој ќе служи како лепило за бисквитите). Преку филот наредете уште еден ред биксвити.
Оставете да излади на собна температура, па потоа ставете го во фрижидер. Одозгора декорирајте со две кесички шлаг кои ќе ги изматите според упатството.
Тортата многу брзо се подготвува, но најдобра е за јадење откога ќе отстои неколку часови во фрижидер, а уште подобро преку цела ноќ.