Доаѓа времето на салатите кои се омилениот оброк кој може да се послужи со кифлички, месо, компир… Ќе ви ги откријам моите омилени рецепти за салати (и на моите гости) кои брзо и лесно се приготвуваат, но и многу се вкусни.




Првиот рецепт се приготвува со пилешко месо, малку ореви и мајонез, но толку е добра комбинацијата, што дома постојано ми ја порачуваат да им ја правам. По желба и по вкус може во неа да се додава и овошје, како зрна од калинка или коцкички од зелено јаболко, но на овој начин ја приготвувам само за одредени гости, зашто има и такви кои не сакаат комбинација со овошје.




Вториот рецепт пак се комбинира со сусам и кикирики, па можам да ви кажам дека е една од најомилените кај домашните, но и кај гостите. Доколку не сте ги пробале досега овие салати, топло ви ги препорачувам. Сите состојки совршено си одговараат! Овие салати се заситни, па може да се полужат и како оброк. Убаво изгледаат, брзо се прават, пробајте, нема да се покаете.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 3 парчиња пилешко, исечкано на ситни парчиња, 2 домати, 3 супени лажици лимонов сок, 3 дршки (зелен) целер (ако немате може рендан корен) ситно исечкани, 1/2 шолја истостирани ореви, 15 лажици мајонез (може и помалку), сол и црн пипер по вкус. И уште по вкус (не мора): пиперка исечкана на тенки листови, една рака зрна од калинка или коцкички зелено јаболко.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 400 г пилешко бело месо, 300 г кисела павлака со масленост 20%, 200 г мајонез, црн пипер по вкус, 50 г пропржен сусам, 200 г солени мелени кикирики или пропржени кикирики.




ПОСТАПКА (ПРВ РЕЦЕПТ): Пилешките парчиња ставете ги во тенџере со вода и гответе додека пилешкото е целосно сварено. Водата во која го варите пилешкото треба да биде солена. Потоа, извадете го месото од вода и ставете го на чинија да се излади. Може да искористите и пилешко месо ако ви останало од ручекот, на пример.




Во подлабок сад (во кој ќе ја сервирате салатата) ставете 3 лажици лимонов сок. Целерот измијте го, излупете го и исечкајте го на ситни кругови, па измешајте ги со лимоновиот сок.

Доматот исечкајте го на средни коцки. На крај се додаваат истостираните ореви и мајонезот. Додајте прстофат сол и црн пипер во прав, но внимавајте бидејќи и мајонезот и пилешкото се солени. Измешајте сè заедно додека да се распоредат сите состојки.




Салатата може да ја послужите веднаш или да ја ставите во фрижидер да отстои 30 минути до 1 час пред сервирање. Многу е вкусна, а комбинацијата на состојките ќе ве изненади пријатно, особено ако додадете овошје (доколку никогаш не сте комбинирале овошје во солена салата).




За салатата да биде што повкусна може да ставите убаво крцкаво јаболко што не потемнува брзо кога се сече или се ренда. Најдобрите јаболка за оваа намена се: мед крис, фуџи, розово или зелено јаболко… Секое јаболко има свој уникатен профил на вкус што може да се комбинира со разни преливи, месо и сирење.




ПОСТАПКА (ВТОР РЕЦЕПТ): Најпрво 400 г пилешко месо сварете го во вода со малку сол. Потоа извадете го на чинија и оставете го да излади, па колку што можете поситно исечкајте го. Во подлабок сад ставете 300 г кисела павлака со мм 20% и 200 г мајонез. Зачинете со црн пипер по желба и вкус. Добро промешајте додека да добиете изедначен крем.




Сусамот пропржете го во сува тава колку да замириса и малку да пожолти. Оставете да се олади, па додајте го во мешавината од павлака и мајонез. Кикириките купете ги солени и печени, а доколку се сирови, исто така, испечете ги во рерна или во сува тава и посолете ги. Потоа сомелете ги и додајте ги во претходната мешавина.




Измешајте убаво додека да се изедначат и соединат состојките. Додајте го месото и повторно промешајте. Вкусете дали е доволно солено и по потреба додајте зачини. Декорирајте по желба. Салатата може да се послужи ладна директно од фрижидер, како предјадење, мезе, како прилог, па дури и како главно јадење. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете ОВДЕ.