Рецепт и видео презентација на “Да готвиме лесно” – пилешка салата со кикирики.

Доколку не сте ја пробале досега оваа салата, топло ви ја препорачуваме. Кикириките во овој кремаст сос со пилешко месо – совршено си одговараат! Салатата е заситна, па може да се полужи и како оброк. Убаво изгледа, брзо се прави – совршенство од салата. Пробајте, нема да се покаете.

Потребни состојки:

400 г пилешко бело месо
300 г кисела павлака со масленост 20%
200 г мајонез
црн пипер по вкус
50 г пропржен сусам
200 г солено мелено кикирики или пропржено кикирики

Постапка:

Најпрво 400 г пилешко месо сварете го вода со малку сол. Потоа исцедете го, оставете го да излади, па колку што можете поситно исечкајте го.

Во подлабок сад ставете 300 г кисела павлака со мм 20% и 200 г мајонез. Зачинете со црн пипер по желба и вкус. Добро промешајте додека да добиете изедначен крем.

Сусамот пропржете го сува тава колку да замириса и малку да пожолти. Оставете да се олади па додадете го мешавината од павлака и мајонез. Кикириките купете ги солени и печени, а доколку се сирови, исто така, испечете ги во рерна и посолете ги. Потоа солемелете ги и додадете го претходната мешавина.

Измешајте убаво додека да се изедначат и соединат состојките. Додадете го месото и повторно промешајте. Вкусете дали е доволно солено и по потреба додадете зачини.

Декорирајте по желба. Салатата може да се послужи ладна директно од фрижидер, како предјадење, мезе, како прилог, па дури и како главно јадење. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете ОВДЕ.