Рецепт и видео презентација на „Неодоливи Вкусови” – Кремаст колач со гриз, без печење, без јајца. Иако потсетува на другите брзи колачи со кекси и крем, сепак овој е оригинален според изборот на комбинацијата вкусови.
Наместо тесто за пандишпан се користат бисквити натопени во сок од портокал и има два вида креми, од кои едниот е ванила пудинг со гриз, а вториот страчатела (шлаг со чоколадо). Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 130 г пченичен гриз, 40 г (1 кесичка) пудинг од ванила, 300 мл млеко, 700 мл млеко, 185 г шеќер, 1 лажица рендана кора од портокал, 240 г несолен путер, омекнат на собна температура
И уште: 160 мл свежо исцеден сок од портокал (за натопување на бисквитите, може и сок по желба или млеко), 40 парчиња петит кекси +-, 500 мл слатка павлака за шлаг, 80 г шеќер во прав и 150 г чоколадо за готвење со 65% какао (дел изрендајте, а дел ситно исечкајте).
ПОСТАПКА: Во еден сад измешајте го правот за пудинг и гризот, додајте 300 мл млеко и убаво промешајте да нема грутчиња. Остатокот од млекото (700 мл) ставете го на оган заедно со шеќерот. Кога ќе зоврие додајте ја мешавината од гриз, намалете ја температурата и варете го кремот со постојано мешање додека да згусне.
Тргнете го настрана, додајте ситно рендана кора од портокал и промешајте. Оставете го кремот целосно да се олади покриен со стреч-фолија или со повремено промешување за да не фати коричка.
Исцедете свеж сок од портокали и процедете го низ сито за да биде бистар. Путерот пенасто изматете го, претходно омекнат на собна температура. Постепено додавајте го изладениот крем во путерот и матете додека целосно да се соединат.
Настрана изматете ја слатката павлака, а потоа постепено додавајте го шеќерот во прав. Со шпатула промешајте го и иситнетото чоколадо (рендано или ситно сечкано), кое исто така, треба постепено да се додаде, на неколку наврати.
Во калап или плех со димензии 28х18 см наредете прв ред кекси претходно кратко натопени во сок од портокал. Во плех со оваа димензија се потребни 4 реда по 4,5 кекси. Последниот кекс во секој ред преполовувајте го за да се пополни празниот простор или соодветно пополнете според димензиите на вашиот плех.
Врз кексите нанесете половина од гриз кремот, а преку гризот, половина од страчателата. Наредете втор ред кекси, исто така претходно натопувани во сок од портокал, па врз нив распоредете го остатокот од гриз и остатокот од страчателата.
Оставете го колачот во фрижидер, најдобро преку цела ноќ за да може да се стегне. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеопрезентацијата ОВДЕ.