Тулумбите се еден од оние традиционални десерти кои докажуваат дека совршениот вкус не зависи од комплицирани состојки.
Овој рецепт е идеален избор за сите што бараат проверено слатко решение без рерна, без јајца и со сигурен резултат – тулумби со крцкава кора однадвор и нежна, воздушеста внатрешност.
Совршени се за семејни собири, празнична трпеза, но и како домашен десерт што лесно може да се прилагоди на различни кујнски услови и буџети, пишува НМД. Еве што ви е потребно:

Потребни состојки
За тестото:
• 750 мл вода
• 12 г шеќер
• 14 мл масло
• 8 г ванилин шеќер
• 375 г бело пченично брашно
• 120 г густин (пченкарен скроб)
За шербетот (сирупот):
• 200 г шеќер
• 360 мл вода
• 8 г ванилин шеќер
• 15 мл сок од лимон
Дополнително:
• масло за пржење

Начин на подготовка
Во тенџере ставете ја водата, шеќерот, маслото и ванилиниот шеќер. Загревајте на умерена температура додека смесата да зоврие.
Потоа, додајте го брашното и густинот одеднаш и мешајте постојано на тивка температура, додека да се добие компактно тесто што лесно се одвојува од ѕидовите на тенџерето.
Тргнете го тенџерето од оган и оставете тестото кратко да подизлади. Истресете го на работна површина и измесете го со раце додека да стане фино, меко и нелепливо.
Тестото треба лесно да се обликува и да не се лепи за дланките. Завиткајте го во најлонска кеса и оставете го настрана додека го подготвувате шербетот.
Во друго тенџере ставете ги шеќерот, водата и ванилиниот шеќер. Оставете да зоврие, па додајте го сокот од лимон. Поклопете и варете на умерена температура околу 8 минути. Тргнете од оган и оставете целосно да се олади.
Тестото ставете го во готварски шприц со назабен отвор. Истиснувајте тулумби со големина, па спуштајте ги во умерено загреано масло.
Пржете ги полека, на средна температура, додека да добијат рамномерна златно-кафеава боја и изразена крцкавост.
Со решеткаста лажица вадете ги жешките тулумби и веднаш спуштајте ги во оладениот шербет. Оставете кратко да впијат, па послужете.
Совет за совршен резултат
Контролата на температурата на маслото е клучна – премногу жешко масло ќе ги испече тулумбите однадвор, а внатрешноста ќе остане недопечена.
Умерената температура гарантира крцкавост и правилна текстура. Постапката погледнете ја во видео прилогот ОВДЕ:





































