Се наближува големиот христијански празник Велигден, па време е да се потсетиме на старите добри рецепти на нашите баби и да ја продолжиме традицијата за одбележување на овој голем дел. Во некои краишта се нарекува едноставно „Велигденско лепче“, а во некои други краишта се нарекува „кравајче“.
Може да се направи голема погача со простор за јајцата во средина, но најчесто се прават како мали топчиња со обоено јајце во средината, долги плетенки со неколку јајца во нив, или пак, како што ќе ви го прикажеме во овој рецепт, како мали венчиња со јајце во средината.
Одлични се за подарок доколку ги завиткате во целофан со панделка, но исто така, многу се декоративни за велигденската трпеза. Овие венчиња-гевречиња не се само декоративни, туку се и многу вкусни, меки како памук, па рецептот можете да го подготвувате редовно и кога не е празник. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (се мери со чаша од 200 мл): 1 кесичка сув квасец (10 г) или 20 г свеж (0,5 коцка) 300 мл млеко (1,5 чаша), 1 прстофат сол, 100 г путер, 2 јајца, 0,5 чаша шеќер, 3 чаши брашно, 1 јајце и малку вода за премачкување, шарени трошки за украсување, 6 обоени јајца (во лушпа од кромид или некои фиксни бои, зошто од другите ќе ви се разлее боја врз печивото)
ПОСТАПКА: Квасецот растворете го во малку топло млеко, додајте по лажичка шеќер и брашно, па добро измешајте додека да добиете изедначена смеса без грутчиња. Оставете ја на топло место околу 10-тина минути додека квасецот да се активира и запени.
Во подлабок сад за месење ставете го брашното, јајцата (претходно отстојани на собна температура, да не се извадени директно од фрижидер), растопениот и изладениот путер (млак), шеќер и малку сол, како и активираниот квасец.
Со постепено додавање на топлото млеко замесете го тестото со миксер кој има специјални продолжетоци за месење тесто, или пак замесете го рачно. Треба да добиете компактно и мазно тесто, средно меко кое не се лепи на рака.
Добиеното тесто вратете го во чист сад малку намастен со масло, покријте го со проѕирна фолија и покријте го со кујнска крпа, па оставете го на топло место да стасува околу еден час или додека да го удвои волуменот.
Откако тестото ќе стаса малку премесете го и поделете го на 12 приближно еднакви делови. од секој дел формирајте топче, а од секое топче валајте ленти со должина од приближно 30 см, па формирајте тенка ролничка.
Спојувајте по две ролнички и испреплете ги спирално една околу друга, па направете круг, како прстен или ѓеврек. Формираните ѓевречиња покријте ги со хартија за печење и оставете ги да стасуваат уште еден час на топло место без провев. Потоа премачкјате ги со едно изматено јајце во кое сте додале една чајна лажичка вода или масло.
Во средината на секое ѓеврече ставете по едно обоено јајце (најдобро во лушпи од кромид), одозгора наросете шарени трошки за колачи. Ставете во загреана рерна на 180 степени и печете околу 20-25 минути додека да добијат златно-жолта боја. / Сооlinarika.сom