Мантиите се еден вид пита со месо. Имаат фантастичен вкус, а за да се направат е потребен малку поголем труд, но секако дека се исплаќа! Во продолжение прочитајте два рецепта кои се разликуваат само во нијанси, меѓутоа крајниот резултат е ист.

I РЕЦЕПТ МАНТИИ – ПИТА СО МЕСО, ПРЕЛИЕНА СО ЈОГУРТ И КИСЕЛА ПАВЛАКА

Потребни состојки за тестото: 600 г брашно, 1 јајце, 200-300 мл млака вода, 1 лажица масло, 2 лажички сол. За фил: 500 г мелено говедско месо, 1 кромид, масло, сол, црн пипер, слатка пиперка. За прелив: 1 чаша јогурт, 1 чаша павлака, 2-3 чешниња лук или повеќе. И уште: 100 г маргарин, 3 лажици масло

Постапка: во подлабок сад ставете брашно, сол, масло и јајце, па со постепено додавање на млаката вода замесете го тестото со рака. Треба да добиете помеко тесто. Истресете го на малку набрашнета работна површина и формирајте топка.

Горниот дел премачкајте го со масло, покријте го со проѕирна фолија и оставете го да одмори околу половина час. За тоа време исечкајте го ситно кромидот и пропржете го на загреано масло додека да омекне и застакли. Потоа додајте го меленото месо, промешајте и динстајте го 10-тина минути.

Зачинете по вкус и тргнете го на страна да се олади. Стасаното тесто поделете го на 15 топчиња. Обликувајте ги, па со помош на оклагија развлечете ги во кори со големина на плитка чинија. Растопете ги маслото и маргаринот, па премачкувајте ги корите одозгора.

Редете ги една врз друга. Четири премачкајте, а петата не ја премачкувајте. Постапката повторете ја уште двапати, така што ќе добиете на три места по пет кори една врз друга. Вака оставете ги да стасуваат половина час (покриени со проѕирна фолија одозгора за да не се суши последната кора).

Потоа земете еден куп и развлечете го во тенка правоаголна кора. Кората пресечете ја на 15 квадратчиња. Ставете по една лажица од изладениот фил врз секое квадратче. Преклопете дијагонално од двете страни за да добиете форма на пакетче.

Премачкајте плех или тава со мешавина од растопен маргарин и масло и наредете ги преклопените мантии со тоа што преклопот ќе го свртите надолу. Повторете ја постапката и со останатите две кори. Преклопените и свитканите мантии премачкајте ги со остатокот од масло и растопен маргарин.

Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 220 степени 15 минути, а потоа намалете на 180 степени и печете уште 15 минути.

За прелив: измешајте ги јогуртот и павлаката, додајте мелен или ситно сечкан лук по ѓелба, а кој не сака не мора да го става. Прелијте ги печените мантии и вратете ги во топлата рерна уште 10-тина минути колку да се впие преливот.

II РЕЦЕПТ Мантии – најстариот и најдобриот рецепт.

​Потребни состојки: 500 мл млака вода, 1 мала лажичка сол, 850 г брашно, 700 г јунешко мелено месо, 2 главици кромид, 4 полни лажици маст или путер, 100 мл масло, 1 лажица сув зачин, ½ мала лажичка црн пипер

За полевање одозгора: 500 мл кисело млеко и 1 главица лук (или помалку, по вкус)

Постапка: Во 750 г брашно додадете сол, малку промешајте со рака, па налејте вода и месете рачно. Измесете мазно тесто. Потребно е тестото да биде добро измесено.

Поделете го тестото на 5 еднакви делови, а секоја топка да има отприлика по 250 грамови. Топките прекријте ги со кеса и крпа и оставете да отстојат околу 30-60 минути, во зависност од топлината на просторијата, но никако помалку од 30 минути.

​За тоа време, исечкајте го кромидот, додајте го меленото месо, сувиот зачин и пиперот, па измесете со рака. Стопете го путерот со маслото на силен оган. Кога ќе проврие тргнете од оган. Мора да проврие за да можат путерот и маслото да се соединат.

​Кога тестото е одморено, секоја топка поединечно треба да се развлече во кора со дијаметар од отприлика 20 см и секоја да се премачка со 2-3 лажици од стопеното масло. Редете ги корите една врз друга, претходно намачкани.

​Ставете една кора, премачкајте, па ставете врз неа друга кора, премачкајте, и така до петтата кора која не треба да се премачкува.

Одозгора посипете со брашно, преку масата ставете некој памучен чаршав, па и него посипете го со малку брашно. Ако работите директно на масата, без чаршав, тогаш посипете малку повеќе брашно, за да не се лепи кората.

​Развлечете со оклагија колку што можете, а тогаш продолжете да тегнете со раце, до ивиците на масата. Кога ќе ја развлечете кората, исечете ги краевите што висат од масата, а задебелувањата отстранете ги со нож.

​На ивицата ставете по цела должина 1/5 од филот и малку испрскајте со маслото. Завиткајте еден круг околу месото, па исечете, така да добиете тенка и долга ролна. Постапката повторувајте ја до крај со останатото тесто и месо.

Потоа, од секоја ролна, сечете мантии со должина од по 3-4 см. Премачкајте го плехот (35 см) па редете ги во круг исечканите квадратчиња, мантиите. Премачкајте ги со остатокот од маслото (доколку сакате, не мора). ​Додека ги редите мантиите, рерната вклучете ја да се загрее на 250 степени.

Ставете да се пече додека да порумени. Исечкајте го лукот ситно и измешајте го со киселото млеко. Кога мантиите се испечени и уште топли, прелијте преку нив со оваа смеса, и оставете ги уште 10 минути поклопени со друга тепсија, за да се впие. Уживајте! / Фотографија и рецепт на Сефка Ракич