Предлог за ручек кога немате идеја: пилешка супа, компир запечен во рерна залиен со супа, печена пиперка полнета со сирење и запечена во рерна, похувано бело месо, салата од печени пиперки.

Супата можете да ја направите од кесичка или со коцка и да додадете фиде и сечкан зеленчук по вкус. Внимавајте да имате повеќе течност за да можете да ги прелиете компирите со 3-4 кутлачи.

похувано бело месо

ПОХУВАНО, МАРИНИРАНО БЕЛО МЕСО

Потребни состојки:

1 пилешко бело месо

3 чешниња лук

Сув зачин, сок од половина лимон

Брашно, презла

1 јајце и 3 лажици млеко

Постапка:

Пилешкото бело месо позамрзнато исечете го на шницли. Полесно се сече отколку кога е одмрзнато. Малку исчукајте го со чекан за месо ако има подебели места.

Лукот измечете го, додадете сув зачин и сок од половина лимон. Сето добро измешајте го, па со оваа смеса премачкајте ги шницлите и редете ги една врз друга.

Кога месото ќе отстои 30 минути загрејте масло и похувајте ги. Додека месото ви отстојува, вие пригответе го прилогот. Изматете го јајцето со млеко, па валкајте ги шницлите во брашно, па јајце и на крај презла. Печените/пржените шницли редете ги на хартиена салветка за да се впие вишокот маснотија.

ПРИЛОГ: компир од рерна

Исечете го компирот и пополнете го садот во кој ќе го печете, па прелијте со масло и наросете со сув зачин, сечкан магдонос и зачини по ваш вкус, а потоа прелијте со 3-4 кутлачи супа и ставете на 200 степени да се пече додека супата да испари и компирот убаво да се запече.

ПЕЧЕНА ПИПЕРКА ПОЛНЕТА СО СИРЕЊЕ

Пиперките измијте ги и исчистете ги од семе, па полнете ги со урда или со сирење (на пример 250 фета сирење за 10 пиперки). Пиперките засечете ги на едната страна и полнете ги со ленти сирење и редете ги во намастен сад, една до друга.

На крај изматете едно јајце со малку сол и малку јогурт, па прелијте преку пиперките. Ставете во рерна да се пече додека да зарумени, околу 30-45 минути. Може да ги послужите и топли и ладни.

похувано бело месо, печени пиперки, запечен компир