Колачиња кои може да ги направите во секој момент, за неколку минути се готови, а потоа само ги ставате на печење.
Имаат одличен вкус, а кај нас дома, дечињата просто ги обожаваат и едвај чекаат да се оладат, за да изедат цел плех од овие вкусни колачиња.
Се прават од неколку состојки кои веројатно постојано ги имате во домот, а за обликувањето, не треба да си ги валкате рацете, доволно е да имате една лажица за црпење.
Јас обично користам лажица за сладолед, но може и обична. Еве што ви е потребно за да ги направите:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 г мек маргарин или путер, 1 чаша шеќер во прав (90 г), 1 јајце, 110 мл сончогледово масло, половина чаша пченичен скроб (60 г), 1 кесичка ванилин шеќер (5 г), 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 5 и пол чаши брашно (670 г -,+), 120 г млечно чоколадо.
ПОСТАПКА: Маргаринот треба да биде омекнат, за да можете да го испасирате со виљушката, додека да добие конзистентност на паста.
Ставете го во еден подлабок сад и со задниот дел на една лажица или виљушка, истискајте го. Додајте го шеќерот во прав и енергично измешајте ги состојките до соединување.
Постепено додавајте го пченичниот скроб, ванилиниот шеќер и прашокот за печиво. Измешајте, па додајте го маслото и фино соединете додека да се формира полутечна смеса.
На крајот, на неколку наврати додавајте го брашното и замесете фино и меко тесто, кое лесно се обликува, како пластелин.
Во тестото додајте чоколадни топчиња или сечкано чоколадо на коцкички. Чоколадото при печењето ќе се растопи во смесата и при секој загриз ќе се разлева.
Затоа колачињата се многу сочни. Кога ќе го соедините чоколадото, започнете со обликување на колачињата.
Како мерка користете лажица, најдобро ако имате лажица за сладолед. Со лажицата црпете од смесата и редете ги колачињата на плех, обложен со хартија за печење.
Сите колачиња треба да бидат оддалечени околу 3 прсти и по можност да имаат форма на топчиња.
Ставете го плехот во претходно загреана рерна на 170 степени и печете ги приближно 10-15 минути, да останат светли. Излегуваат околу 30-тина колачиња.
По печењето, се оставаат малку да се оладат, па се послужуваат. Постојат многу рецепти за овие мини колачиња, во продолжение прочитајте уште еден рецепт кој можеби уште повеќе ќе ви се допадне и погледнете го видеото:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1/2 шолја кафеав шеќер (100 г), 1/4 шолја бел шеќер (50 г), 1/2 чаша омекнат, несолен путер (115 г), 1 големо јајце, 2 мали лажици ванилин екстракт, 1,5 шолја бело брашно (190 г), 3/4 лажичка сода бикарбона, 1/2 лажичка сол, 1 шолја чоколадни трошки (капки или сечкано чоколадо) – 160 г.
По кој рецепт и да ги правите, колачињата излегуваат многу меки и вкусни. Постапката и за вториот рецепт е иста, само што состојките се различни.
Во вториот рецепт се става и јајце и повеќе шеќер. Деталите од целата постапка за првиот рецепт може да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
https://www.youtube.com/watch?v=n0rRKafHFsc&list=WL&index=2