Три рецепти за одлични колачи кои брзо се приготвуваат, а имаат освежителен вкус. Направете си ги во следна пригода кога ќе ви дојдат гости и верувајте ќе бидат воодушевени кога ќе ги испробаат. Испробани и многу вкусни колачи, сите три рецепти вредат да си ги запишете. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СУВИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 2 чаши (200 мл) брашно, 2 чаши гриз, 1 шолја шеќер, 1 ванилин шеќер, 1 прашок за печиво. ЗА ФИЛОТ СО ЈАБОЛКА: 1,5 кг неизлупени јаболка, 1 шолја шеќер, 5 г цимет, 1 ванилин шеќер. Ќе ви требаат и 150 г посен маргарин.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 3 шолји рендани јаболка, 1 шолја шеќер или ½ кој не сака многу благо да му биде, 1 шолја масло, 1 ванилин шеќер и малку цимет по вкус, 1 портокал – сок, доколку јаболката не се многу сочни, 2 шолји брашно, 1 шолја рогач (кој нема рогач, нека стави брашно), 1 прашок за печиво и 1 лажичка сода бикарбона. Фотографија и рецепт на Сефка Ракиќ.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ТРЕТ РЕЦЕПТ): 1,5 кг јаболка, 100 г суво грозје, 19 лажици шеќер, 2 лажички цимет, 50 г путер, 5 јајца, 100 мл млеко, 100 мл масло, 8 лажици брашно, 1 прашок за печиво, 200 мл вода, 2 шлаг пена и ореви.
ПОСТАПКА (ПРВ РЕЦЕПТ): Вклучете ја рерната на 180 степени, а додека се загрева, исчистете ги и изрендајте ги јаболката. Додајте шеќер, ванилин шеќер и цимет, измешајте сè додека готвите на рингла и потоа филот оставете да отстои додека ги подготвувате сувите состојки.
Измешајте брашно, гриз, ванилин шеќер и прашок за печиво и формирајте компактна смеса. Плех со димензии 30×20 cм премачкајте го со маргаринот. На дното наросете една третина од сувите состојки и врз нив со лажица ставете половина од смесата со јаболка.
Ставете го и сокот што се ocлободил при подготвување на филот. Доколку јаболката се посуви и нема сок, слободно полијте малку вода во смесата, помалку од половина чаша. Повторно прелијте го со третина од сувите состојки, остатокот од јаболката и врз нив остатокот од сувите состојки. Маргаринот исечкајте го на тенки кришки и ставете го одозгора. Печете околу 40 минути на 180 степени.
По 40 минути извадете го и допрете со раката одозгора – ако е сепак многу меко, вратете во рерна уште 10 минути. Ако се формира крцкава кора, питата е готова. Изладете, исечете на коцки, наросете со шеќер во прав и послужете. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.
ПОСТАПКА (ВТОР РЕЦЕПТ): Измијте ги јаболката и излупете ги, па изрендајте ги. Ако не се многу сочни во нив, додајте сок од еден портокал. Додајте ги сите останати состојки и добро промешајте за да се изедначат.
Добиената смеса излејте ја во намастен помал плех и оставете така да отстои околу 20 минути. Потоа ставете го во ладна рерна и печете околу 40 минути на 180 степени. Кога е готов, јас го премачкувам со некој убав џем од кајсии или цреши и одозгора го преливам со компот во кој сум сварила пудинг.
Не мора пудинг да ставате, многу е вкусен и самиот колач без додатоци. Преку пудингот ставам кокос, ореви или што имам. Многу е вкусен, особено во денови на пост.
ПОСТАПКА (ТРЕТ РЕЦЕПТ): Јаболката убаво измијте ги, излупете ги, исчистете ги од семки и исечете ги на парчиња. Во помала тепсија обложена со хартија наредете ги парчињата јаболка на дното, а одозгора наросете ги со суво грозје претходно 15-тина минути натопено во вода со малку рум.
Рамномерно распоредете десет лажици шеќер, две лажички цимет и 50 г рендан путер (или исечкан на тенки ленти). Ставете да се пече 40 минути во загреана рерна на 180 степени.
Посебно изматете пет белки, па додајте 9 лажици шеќер и продолжете со матење додека да добиете цврст снег. Во белките додајте 5 жолчки, изматете, па 100 мл млеко и на крај 100 мл масло. Во добиената смеса додајте 8 лажици брашно и еден прашок за печиво, па со лажица или шпатула полека промешајте и изедначете.
Смесата излејте ја преку печените јаболка и израмнете. Продолжете со печење уште 20 минути. Потоа тепсијата одозгора обложете ја со алуминиумска фолија и продолжете со печење уште 20 минути.
Печениот колач превртете го врз тацната за послужување. Во 200 мл вода изматете две шлаг пени и декорирајте го колачот одозгора. Наросете со ореви и ставете го во фрижидер добро да излади. Има уште една верзија на овој рецепт, а колачот е на насловната фотографија. Деталите погледнете ги ОВДЕ.