I РЕЦЕПТ – Колач со банани готов за 10 минути. Многу вкусен колач, лесно и брзо се приготвува. Потребни состојки: 300 г бисквити, 3 пудинг од ванила, 9 лажици шеќер, 1 литар млеко, 200 г путер или маргарин, 4 лажици кисела павлака, 5 банани и 200 мл слатка павлака или 200 г крем шлаг.
Постапка: Бисквитите искршете ги. Три кесички пудинг разматете со 400 мл млеко. Остатокот од млекото ставете го на оган и додадете 9 лажици шеќер. Пудингот сварете го во млекото и кога ќе згусне тргнете го од огнот. Во врелиот пудинг додадете путер или маргарин исечкан на листови и мешајте додека да се растопи.
Потоа додадете ја павлаката и уште еднаш промешајте за да се изедначи. Во кремот додадете ги бисквитите, промешајте и оставете пет минути да отстои. Половина од смесата истурете во калап (јас користев тркалезен 26 см).
Излупете ги бананите надолжно и наредете ги преку пудингот. Ставете ја и втората половина од пудингот. Оставете колачот да излади. Тргнете го обрачот и украсете со шлаг крем одозгора.
II РЕЦЕПТ – Хит колач кој се приготвува за 15 минути, со бисквити и банани. Брз кремаст колач со бисквити кој се топи во уста. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г бисквити, 3 пудинзи од ванила, 9 лажици шеќер, 1 литар млеко, 200 г путер, 4 лажици кисела павлака, 4-5 банани и 200 мл слатка павлака за шлаг.
ПОСТАПКА: Прашокот од пудинзите разматете го со шеќер и малку млеко. Остатокот од млекото ставете го на оган да зоврие, па потоа постепено додадете го пудингот со постојано мешање додека да згусне.
Тргнете од оган и додека е уште жежок, во кремот додадете путер исечкан на помали парчиња, па добро промешајте додека да се растопи и соедини со кремот. Тогаш додадете ја киселата павлака, па повторно добро промешајте во изедначена смеса.
Тогаш додадете ги и бисквитите искршени на парчиња (искршете ги со раце), па сето заедно добро измешајте го со лажица. Во плех со средна величина и премачкан со тенок слој путер, излејте половина од смесата, преку неа наредете банани пресечени надолжно, една покрај друга.
Врз бананите истурете го рамномерно остатокот од смесата. Ставете го во фрижидер убаво да се излади и да се стегне. Преку изладениот колач нанесете изматена шлаг, па сечете парчиња со величина по ваша желба и уживајте во секој залак.
III РЕЦЕПТ – Ова е најбрзиот, највкусниот колач со банани и бисквити – готов за 15 минути. Фотографија и рецепт на Вонзи. Додека варите кафе, можете да го направите овој колач. Толку е брз!
Потребни состојки: 300 г бисквити (плазма или петит), 3 пудинг од ванила, 9 лажици шеќер, 1 литар млеко, 200 г путер или маргарин, 1 ванилин шеќер (бурбон), 4 лажици кисела павлака, 4-5 банани, 200 мл слатка павлака за шлаг. Постапка: Ставете млеко, шеќер и ванилин шеќер да зовријат.
Од 1 литар млеко одвојте малку за разматување на пудингот. Сварете го пудингот вообичаено и додека е уште врел, додадете путер исечкан на листови. Промешајте додека тој да се растопи и соедини со пудингот. Додадете и кисела павлака и повторно изматете.
Бисквитите искршете ги, не мора да бидат многу ситни, па додадете ги во топлиот пудинг. Добро промешајте. Во плех со средна величина (претходно намастен со путер) излејте половина од смесата и израмнете.
Бананите пресечете ги на половина, наросете ги малку со лимонов сок и наредете ги една до друга. Излејте ја остатокот од смесата одозгора, израмнете и оставете да излади. Врз изладениот колач нанесете изматена слатка павлака како шлаг.
Можете да направите и чоколадна глазура така што во загреана слатка павлака ќе додадете искршено чоколадо. Промешаната смеса оставете ја малку да излади, а потоа нанесете ја врз колачот./Coolinarika.com
IV РЕЦЕПТ – Колач со банани за 15 минути – брз, евтин и вкусен, толку е едноставен што и дете може да го направи. Ако барате едноставен колач кој е вкусен, кремаст, брзо се прави, а покрај тоа е и многу евтин, така што мора да го испробате овој суперколач.
За да го приготвите ќе ви бидат потребни банани, кекси и чоколадо, состојки кои многу си одговараат – ќе ве воодушеви вкусот. Рецептот и видео презентацијата е на Драгана од “Направи сама – Идеи за креативци” – Брз колач со банани. Толку е едноставен што може да го направи и дете.
Уште една супер работа кај овој колач е тоа што не се пече. Потребни состојки: 1 литар млеко и 3 кесички пудинг од ванила. Уште ќе ви бидат потребни: 5 лажици шеќер, 300 г кекси, 1 чаша кисела павлака (200 г), 200 г путер или маргарин, 2-3 раце чоколадни трошки или рендано чоколадо, 2-3 банани, 200 мл слатка павлака и 200 г чоколадо.
Постапка: Од литар млеко одвојте малку, а остатокот ставете го во тенџере на оган да се загрее. Во малиот дел млеко што го одвоивте додадете го прашокот од 3 кесички пудинг со вкус на ванила и 5 лажици шеќер. Ако сакате послатко, тогаш додадете повеќе супени лажици.
Промешајте добро со жица за матење за да нема грутчиња. Кога ќе зоврие млекото постепено додадете ја разматената смеса. Мешајте постојано додека пудингот да се свари и згусне. Сварениот пудинг тргнете го на страна и додека сè уште е врел додадете му 200 г путер или маргарин исечен на коцки.
Промешајте добро додека да се растопи и соедини во кремот. Потоа додадете кисела павлака и уште еднаш убаво промешајте. Оставете го кремот малку да подизлади (да биде млак). Во изладениот пудинг додадете 300 г кршени петит кекси (бисквитите кршете ги со грубо со рака).
Промешајте и на крај додадете 3-4 супени лажици чоколадни трошки (капки) или рендано чоколадо. Плех со димензии 33х21 см намастете го со путер. Половина од смесата излејте ја во приготвениот калап, распоредете и израмнете. Преку смесата наредете три банани пресечени надолжно на половина.
Одозгора наросете уште 3-4 супени лажици чоколадни трошки. Одозгора рамномерно распоредете ја и втората половина од кремот. Колачот е готов, само уште останува да се олади. Прво оставете го на собна температура околу половина час, а потоа ставете го во фрижидер уште час и половина за убаво да се стегне и да се поврзат состојките.
За глазура: Во помало тенџере загрејте течна слатка павлака 200 мл и загрејте ја на умерен оган. Внимавајте да не ви зоврие. Слатката павлака треба да биде врела, но не смее да зоврие (го менува вкусот). Потоа намалете ја температурата и додадете го чоколадото (200 г) искршено на коцки и мешајте да се растопи и соедини.
Кога глазурата ќе се растопи и добие сјајна конзистенција, извадете го колачот од фрижидер, почекајте 5 минути, па рамномерно прелијте ја одозгора. Оставете да се олади и стегне глазурата, а потоа сечете го и послужете го. Сите детали од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
V РЕЦЕПТ – Готово е за 15 минути: Врвни чоколадни коцки со банана без печење. За вистинско летно освежување. Потребни состојки за подлога: 200 г мелени бисквити, 150 г растопен путер. За црн фил: 750 мл млеко, 70 г густин (околу 3 полни лажици), 7 полни лажици шеќер, 100 г црно чоколадо, 1-2 лажици какао.
За бел фил: 750 мл млеко, 70 г густин, 6 лажици шеќер, 100 г бело чоколадо, 4-5 банани, + чоколадна глазура. Постапка за приготвување на подлога: Добро измешајте мелени бисквити со растопен и разладен путер, па добро втиснете во калап или тепсија (околу 36х23).
За првиот фил со малку млеко од наведената количина разматете густин, а остатокот ставете го со шеќерот да се вари. Во зовриеното млеко додадете разматен густин, темно чоколадо и какао. Варете со постојано мешање додека да згусне. Веднаш врело се истура врз подлогата.
Потоа наредете банани исечени по должина и веднаш варете го белиот крем, исто како церниот само што се додава 100 г бело чоколадо. Кога ќе згусне веднаш се прелива преку бананите. За глазура: 100 г темно чоколадо се растопува на пареа со 30 г путер и се прелива преку чоколадото.
Или направете глазура по ваш рецепт. Добро изладете па потоа послужете, најдобро следниот ден. За да не ви пука глазурата, ножот мора да биде остар или колачот малку оставете го на собна темепартура.
VI РЕЦЕПТ – Наједноставниот колач, без печење, превкусен за само 10 минути. Се топи во уста. Потребни состојки: 200 г шеќер, 1 литар млеко, 3 пудинг од ванила, 200 г путер, 1 кисела павлака, 400 г бисквити, 800 г банани (околу 4 банани), 200 мл слатка павлака, 1 лажица шеќер во прав, малку лешник или ореви за наросување, малку путер за намастување на плехот.
Постапка: Пудингот сварете го со млекото според упатството, малку изладете па додадете путер и мешајте да се растопи и соедини. Додадете кисела павлака и кршени бисквити. Излејте половина од смесата во подмачкан калап, наредете банани, па додадете го остатокот од филот. Изладете во фрижидер најмалку два часа. Добро изматете слатка павлака со лажица шеќер во прав и премачкајте преку колачот. Декорирајте со мелени лешници или ореви.