„Мој живот-моја песна“ – рецептот за овој колач им го посветувам на сите жени кои во животот се соочуваат со некаков проблем, здравствен или емотивен, па затоа го нареков „ЗА НЕА“. одлична торта, мислам дека повкусна од оваа не сум пробала, а секој што ќе ја проба бара уште едно парче, и секако, рецепт.
За колачот можеби ќе речете дека е класика, но целата негова композиција, корите од белки со ореви и свиленкастиот крем од жолчки, го прават совршен за непцето. Може да се прави како колач или во тркалезен калап, во облик на торта, лесно се декорира и лесно се сечат тенки парчиња. Ако досега не сте ја направиле, запишете си го рецептот според Јелица, еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 10 белки, 250 г шеќер, 300 г ореви (или печени и лупени лешници), 3 супени лажици брашно и 1 кесичка прашок за печиво (10 г). ЗА КРЕМ: 10 жолчки, 220 г шеќер, 3 кесички пудинг со вкус на ванила (120 г), 1 супена лажица скроб/нишесте/густин, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 1 литар млеко, 270 г несолен путер/маргарин, 100 г чоколадо за готвење. И уште: 200 г чоколадо за глазура
ПОСТАПКА: Од јајцата кои претходно отстојале малку на собна температура, во посебни садови одвојте ги белките и жолчките. Пенасто изматете ги белките со миксер, па постепено додавајте го шеќерот додека целосно да се растопи и да се добие густ снег.
Потоа додадете просеано брашно помешано со прашок за печиво (во неколку наврати), мешајте со лажица или шпатула за да се сочува пенливата структура, па на крај лесно промешајте ги и мелените ореви или лешници.
Важно: сувите состојки мешајте ги со лажица за да остане смесата воздушеста. Рамномерно распоредете ја во плех (20х30 см) обложен со хартија, па ставете во претходно загреана рерна на 150 степени да се пече/суши приближно 40 минути.
Оставете да се лади во подотворена рерна. Изладената кора пресечете ја на два дела за да добиете две кори. Доколку сакате, уште пред печењето во средината на плехот може да поставите преграда и на тој начин да добиете две кори, но многу лесно се сече и отпосле.
ПОДГОТОВКА НА ФИЛ: Од еден литар млеко одземете малку за да го разматете шеќерот, содржината од пудинг кесичките, жолчките и скробот/густинот и да се добие мазна смеса без грутчиња. Остатокот од млекото ставете го на оган да се вари.
Кога млекото ќе проврие, тргнете го тенџерето настрана или веднаш намалете ја температурата, па додајте ја смесата од разматениот пудинг и варете неколку минути со непрекинато мешање, додека да згусне.
Кремот оставете го целосно да се олади до собна температура, покриен со проѕирна фолија. Во изладената смеса додајте пенасто изматен путер кој претходно исто така, омекнал на истата собна температура.
Добиениот крем поделете го на два дела, а во едниот додадете растопено чоколадо и изматете уште кратко колку да се соедини. Редење: кора (можете малку да ја натопите со чоколадно млеко), жолт крем, темен крем, кора. Одозгора прелијте чоколадна глазура од растопено чоколадо со 2-3 лажици масло. / Сооlinarika.сom