Овој колач се прави толку брзо што ви е потребно само 15 минути да одвоите. Има вкус како Фереро затоа што се прави од бисквити и лешници. За оние што постат да знаат дека можат да го прават во посна варијанта.
Многу сакам кога ќе најдам некој ваков рецепт за брз и едноставен колач кој сепак изгледа многу убаво, а за вкусот можам да кажам дека е совршен. Тајната на Фереро вкусот се должи на печените лешници… Со сигурност можам да кажам дека ќе го правите во двојна доза.
Потребни состојки: 100 г посен маргарин или путер, 100 г чоколадо (може и посно), 1 лажичка какао, 250 г плазма или посни бисквити, 50 г шеќер во прав, 100-150 г лешници, 30 мл вода и уште 50 г шеќер во прав за наросување.
Постапка: Во помало тенџере растопете го путерот или маргаринот заедно со чоколадото скршено на коцки. Измелете ги бисквитите доколку користите цели и измешајте ги со 50 г шеќер во прав.
Лешниците испечете ги, а потоа ситно исечкајте ги со нож. Исто може и да ги изблендирате, но гледајте да ви останат неколку покрупни парчиња за колачот да има интересен изглед.
Во смесата со суви состојки додајте ги ситно сечканите лешници, а потоа прелијте со подоладеното стопено чоколадо. Измешајте со раце и додајте малку водичка. Формирајте тесто кое не се распаѓа.
Потоа земете една мала кесичка и раширете ја така што ќе ја исечете на една страна. Истово може да го направите и со проѕирна фолија. Наросете на средина со уште 50 г шеќер во прав и ставете го тестото врз него.
Започнете да го обликувате тестото во форма по желба, јас го формирав во правоаголник со средна кон голема дебелина. Цврсто затегнете во кесичката и ставете го во фрижидер да се стегне околу 2-3 часа. Потоа извадете и пресечете на помали ролатчиња со дебелина по ваша желба. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.
II РЕЦЕПТ. Лешник штангли, ги правев по вкус на маж ми, ми рече поубав колач не пробал во животот. Фото и рецепт: Нале. Ова се всушност Ренато коцки само малку променети според желбите на мојот сопруг. Не мора 8 жолчки да се стават, ама мојот маж е малку размазен, па сака колачи со мнооогу фил.
Прво ги направив Ренато коцките, но тој предложи наместо кокос да ставам лешник и да направам двојно повеќе фил, па ете, направив крем со 8 жолчки наместо со 4 како што би било нормално… Повелете, пробјате ги, сигурна сум дека ќе ви се допаднат.
Потребни состојки за кора: 4 белки, 1 прстофат сол, 80 г шеќер, 20 г брашно, 80 г печени, мелени лешници. За фил: 8 жолчки, 120 г шеќер, 50 г брашно, 170 г млеко (мерено на вага), 90 г чоколадо за готвење, 110 г путер. Останато: 30-тина печени, мелени лешници за наросување.
Постапка: Во белките додајте прстофат сол и добро изматете. Полека додавајте го шеќерот и понатаму матете додека да добиете цврст снег. Исклучете го миксерот. Полека додајте ги мелените, печени лешници и 20 г брашно. Измешајте со жица или лажица, да остане смесата воздушеста.
Земете тепсија, приближно да биде со величина од 30х20 см, па намастете ја и набрашнете ја. Рамномерно распоредете ги белките и израмнете. Печете 20 минути на 180 степени. Пробајте со чепкалка дали е готово.
За тоа време пригответе го филот: изматете 8 жолчки со 120 г шеќер. Потоа додајте 50 г брашно и 170 г млеко (мерено на вага, но исто е и во мл). Можете да го варите на пареа, но јас сакам директно на рингла на многу тивок оган, со постојано мешање со жица, зошто многу лесно може да загори.
Додајте 90 г чоколадо за готвење. Варете додека филот да згусне убаво, па тргнете на страна и оставете да излади со повремено промешување. Кога ќе излади додајте 110 г добро изматен путер со миксер, па заедно уште еднаш добро изматете за да се соединат.
Филот премачкајте го преку изладената кора и одозгора наросете со 30-тина грама печени лешници. Пред послужување добро изладете. Сечете на штангли или коцки и уживајте во вкусот.
Доколку сакате повеќе “Фереро рошер” вкус, ставете во кремот уште околу 50 г или две лажици мелен лешник. На крај ќе ви останат 4 белки кои можете да замрзнете, да ги приготвите за појадок, да направите целувки или нешто друго.