Овој колач можете да го правите за секоја пригода, лесен е, брз и покрај тоа не треба да валкате многу садови, а не одзема ни многу време. Кога еднаш ќе го пробате, веднаш ќе сакате цел да го изедете, никој досега не останал на едно парче. За подготовка, се користи калап со флексибилен обрач со големина 35х20 см или приближно.




Колачот се состои од два филови, од кои секогаш можете да ги подготвувате според некој ваш омилен рецепт за крем за торти. Првиот фил најчесто е бел пудинг, а за вториот може да се прават различни варијации, во продолжение прочитајте повеќе опции. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г чоколадни кекси, 200 мл топло млеко. ЗА ПРВИОТ ФИЛ: 650 мл млеко, 2 кесички пудинг од ванила, 100 г шеќер во прав, 100 г путер или маргарин. ЗА ВТОРИОТ ФИЛ: 250 мл кондензирано млеко, 80 г кикирики. ЗА ГЛАЗУРА: 100 г темно чоколадо, 50 мл неутрална павлака.




ПОСТАПКА: Во калап со флексибилен обрач наредете еден ред од чоколадни бисквити, кратко натопени во млако млеко. Доколку користите меки бисквити, тогаш користете ладно млеко за да не ви се ронат. Бисквитите може да ги кршите на половина и да ги сместувате според потреба, за да ви опфати целата површина од калапот.




ЗА ПРВИОТ КРЕМ: Во 650 мл зовриено млеко, истресете ги двете кесички пудинг од ванила и додајте го шеќерот во прав. Измешајте ги состојките со дрвена лажица и гответе на средна температура, додека пудингот да се згусне до посакуваната конзистентност.




Потоа тргнете го тенцерето од рингла и во него додајте 100 г путер или маргарин, исечкан на коцки. Добро измешајте додека путерот да се стопи во пудингот и оставете да се лади настрана. Во меѓувреме подгответе го вториот фил: во кондензираното млеко додајте цели или исечени на половина кикирики и добро соединете.




РЕДЕЊЕ: Врз првиот ред бисквити ставете половина од пудингот од ванила кој треба да биде изладен и добро израмнете. Одозгора наредете втор ред од чоколадни кекси, натопени во млеко, па излејте половина од кондензираното млеко со кикириките и измазнете.




Повторете ја постапката уште еднаш, значи уште еден ред бисквити, па премачкајте со втората половина од пудингот, потоа уште еден ред бисквити, па втората половина од филот со кикирики. Одозгора ставете уште еден ред бисквити и направете ја следнава глазура:

100 г темно чоколадо растопете го со 50 мл неутрална павлака на пареа додека да се добие течна смеса. Оваа смеса излејте ја преку чоколадните кекси и израмнете. Покријте го садот со фолија и ставете го колачот да се лади во фрижидер најмалку 4 часа или најдобро преку цела вечер.

Доколку немате кондензирано млеко, вториот фил може да го замените со глазурата која треба да ја направите во двојна количина, а ќе декорирате со бело чоколадо, како што е опишано во видеото подолу на првиот рецепт, а во текстот е опишан вториот рецепт.

Исто така, вториот фил може да се замени и со карамела и кикирики, наместо кондензирано млеко. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.