Овој вкусен колач со цреши толку многу ми се допадна, а го пробав неодамна кога бев на гости кај свекрва ми. Таа го направила и бидејќи забележа колку уживам во вкусот, веднаш ми го напиша рецептот. Веројатно го има најдено во некоја од групите на интернет, бидејќи обожава да готви и да подготвува разни специјалитети.

Уште го немам сама направено, ќе го направам утре кога ќе ми дојде сестра ми на кафе. Свекрва ми ми посочи дека колачот е готов за 10-тина минути, а потоа се става во рерна на печење. Кој нема цреши, може да го направи со вишни, но најдобро е плодовите да се свежи. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 280 г гриз, 400 г исчистени цреши, половина прашок за печиво, 4 јајца, 150 г шеќер, 1 ванилин шеќер, 360 г кисела павлака, шеќер во прав за наросување на колачот после печењето. Димензии на плехот се 30х20 см, може да користите и слични големини.

ПОСТАПКА: Измијте ги црешите под млаз ладна вода и исечете ги на половина и отстранете ја семката. Ставете ги настрана додека ја подготвувате смесата. Совет: За смесата полесно да се соедини, намирниците кои се чуваат во фрижидер оставете 1 час на собна температура, пред подогтовка на колачот.

Веднаш вклучете ја рерната да се загрее на 180 степени, бидејќи сѐ што е потребно е да ги соедините состојките. Одделете ги белките од жолчките во посебен сад. Прво изматете ги белките во цврст снег, за што е потребно неколкуминутно миксирање, без додавање на шеќерот.

Потоа, измијте ги маталките од миксерот, па изматете ги жолчките со постепено додавање на шеќерот и ванилиниот шеќер. Матете непрекинато додека жолчките да побелат, а шеќерот да се растопи од топлината на миксерот. Во изматените жолчки додајте ја киселата павлака и повторно соединете.

На крајот се додава гризот, заедно со прашокот за печиво и се соединува во еднолична смеса, на најмала брзина на миксерот. Полека се соединуваат двете смеси така што белките се додаваат во жолтата смеса од жолчки. Додавајте по 1-2 лажици и соединувајте.

Вака подготвената смеса треба да има погуста конзистентност. Намастете и набрашнете го калапот за печење или само обложете го со хартија за печење, па полека сипувајте ја смесата додека да се израмни во плехот. На површината наредете ги црешите или вишните, па ставете го колачот на печење околу 30-тина минути или додека да порумени. Деталите погледнете ги ОВДЕ.