Пиварките се едни од омилените посни колачи кои редовно се приготвуваат во македонските кујни, а последниве години може да се купат и како готов производ во речиси сите поголеми супермаркети. Станува збор за едноставен колач со предобар вкус. Колку подолго стои, толку е повкусен. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 550 г брашно, 1 прашок за печиво, 1 лажица шеќер, на врв од лажичката сол, 200 мл масло, 200 мл пиво и малку ореви. За прелив: 1,5 чаша шеќер (300 г), 1,5 чаша вода (300 мл), 1 ванилин шеќер, малку лимон и 100 г мелени ореви за наросување




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете 550 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 1 супена лажица шеќер и прстофат сол. Промешајте да се изедначат состојките. Во мешавината од суви состојки додајте 1 чаша (200 мл) масло и 1 чаша (200 мл) пиво.




Мешајте со лажица додека да добиете убаво тесто, а потоа продолжете да месете со рака. Тестото брзо станува компактно поради маслото и пивото. Тоа не треба да биде ниту премногу меко, ниту премногу тврдо.




Не треба да го оставате да кисне ниту да одмора, туку веднаш можете да го формирате. Од тестото откинувајте парчиња со величина на орев. Од секое парче формијте топче кое ќе го сплескате со дланките, во средина ќе ставете оревче и повторно ќе формирате топче или ружичка.




Вака формираните колачи наредете ги во плех обложен со хартија за печење. Ставете да се печат во претходно добро загреана рерна на 200 степени, приближно околу 20 минути. Штом малку заруменат, готови се.




Додека се печат колачите, пригответе го сирупот: на оган ставете 1,5 чаша (300 г) шеќер, 1,5 чаша (300 мл) вода и една кесичка ванилин шеќер. Кога ќе зоврие сирупот оставете го да се вари уште 5-6 минути. Исклучете и додајте неколку тркалца исечен лимон.




И колачот и сирупот треба да бидат врели. Извадете го колачот од рерна и оставете го 3-4 минути да подизлади. Потоа секое колаче ставете го во сирупот 20-тина секунди од едната и уште 20-тина секунди од другата страна. Натопените колачи валкајте ги во мелени ореви.




Освен мелени ореви, можете да користите и кокос, мелени посни кекси или нешто по ваш избор. Оставете ги да изладат целосно, па послужете ги. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.