Ми се допадна брзината со која се приготвува овој едноставен, а многу вкусен колач. Не ви е потребен миксер, не треба да матите јајца, ниту маргарин. Состојките се мерат со обична чаша за вода, од 200 мл. Сочен е и многу вкусен. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за бисквит: 2 чаши јогурт (400 мл), 1 чаша кокосово брашно, 1 чаша шеќер, 1 чаша пченичен гриз, 1 кесичка прашок за печиво (10 г). ЗА ПРЕЛИВ: 300 мл вода, 4 супени лажици шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г)
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за фил: 1 литар млеко, 3 кесички пудинг од ванила (120 г), шеќер по вкус и шлаг или слатка павлака за декорација. И уште малку кокосово брашно за наросување одозгора
ПОСТАПКА: Прво сварете го преливот: На оган ставете вода, ванила и шеќер, па кога ќе зоврие, промешајте за да се растопи шеќерот. После 2-3 минути вриење тргнете го тенџерето настрана и оставете го сирупот да се олади.
За бисквитот: сите состојки по ред изматете ги со обична лажица, додека да се соединат во мазна, хомогена смеса без грутчиња. Смесата излејте ја во намастен и набрашнет плех со величина 21х30 см.
Распоредете рамномерно и ставете да се пече 20-тина минути, во претходно загреана рерна на 180 степени. Додека се пече кората, сварете го пудингот во млекото, ставете шеќер колку сакате по вкус.
Пудингот се вари според упатството на кесичката, односно прашокот од триете кесички разматете го со малку млеко, а остатокот ставете го да зоврие заедно со шеќерот.
Штом зоврие, намалете ја температурата и сипете го разматениот пудинг со непрекинато мешање. варете го пудингот додека да ја постигне посакуваната густина. Тргнете го настрана, но не треба да се олади, па затоа темпирајте го времето.
Печениот бисквит проверете го со чепкалка, па додека сè уште е врел, веднаш по вадењето од рерна, прелијте ја со изладениот прелив, почекајте неколку минути да се впие, па прелијте го врелиот пудинг врз кората.
Кога колачот ќе се олади до собна температура, изматете шлаг или слатка павлака, па премачкајте го одозгора, наросете со кокосово брашно и послужете го добро изладен во фрижидер. Уживајте во вкусот.
Овој колач е практичен и се приготвува во рок од половина час. Многу е вкусен и практичен, бидејќи секогаш можете да го менувате вкусот на пудинзите по желба и секогаш да добивате нов колач. Рецепт на Агица.
Сoolinarika.сom