Искористете ја сезоната на јагодите и направете го овој вкусен и едноставен колач без печење. Многу лесно се приготвува, а не треба да се вклучува ниту рерната – сон на секоја домаќинка. Ќе ви претставиме две верзии на овој колач, а за вториот рецепт има и видеопрезентација. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 32 парчиња петит бисквити, 100 мл млеко. За црвен дел: 200 г јагоди, вода по потреба, 6 лажици шеќер, 2 кесички пудинг со вкус на јагоди (80 г). За жолт дел: 700 мл млеко, 2 кесички пудинг со вкус на ванила, 8 лажици шеќер, 200 мл слатка павлака, 1 кесичка желатин (10 г), 300 г јагоди
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г мелени бисквити (плазма), 100 мл млеко, 100 г путер. ЗА ФИЛ: 80 г пудинг од ванила, 6 лажици шеќер, 700 мл млеко, 100 г путер, 100 г кисела павлака, 300 г јагоди, шлаг за декорација
ПОСТАПКА за рецепт 1: Наредете половина од бисквитите на подлога со флексибилен обрач, претходно кратко натопувани во млеко. Ако немате обрач, калапот обложете го со проѕирна фолија за да можете подоцна да го извадите во едно парче.
Изблендирајте 200 г јагоди па додајте вода за да добиете вкупно 500 мл. Ставете на оган да зоврие. Посебно изматете 200 мл вода со шеќер и пудинг од јагода. Кога ќе зоврие течноста со јагодите полека додајте го разматениот пудинг и мешајте додека да згусне.
Врелиот пудинг од јагоди веднаш прелијте ги врз бисквитите. Израмнете и наредете го вториот слој бисквити, исто така кратко натопувани во млеко. Исчистете ги преостанатите 300 г јагоди и пресечете ги на половина.
Желатинот потопете го со неколку лажици вода според упатството на кесичката и оставете го да набубри. За тоа време сварете го вториот пудинг. Жолтиот пудинг сварете го идентично како претходниот, само во млеко. Желатинот додајте го во врелиот пудинг и промешајте.
Додајте ја и неизматената слатка павлака и продолжете со мешање додека сето убаво да се соедини. Излејте третина од овој фил врз бисквитите, наредете јагоди, па излејте го остатокот. Оставете да се олади, па ставете во фрижидер неколку часа за убаво да се стегне. Декорирајте со шлаг или по желба. Следи постапката за вториот рецепт:
ПОСТАПКА за рецепт 2: Помешајте ги мелените бисквити со растопен путер и млеко. Добро промешајте за да добиете смеса со консизстенција на влажен песок. Ако бисквитите се посуви, можеби ќе ви треба уште малку млеко.
Половина од оваа смеса веднаш сипете на дното од калап 30х20 см или малку поголем. Натапкајте за да се израмни рамномерно. Помешајте пудинг, шеќер и 200 мл млеко. Остатокот од млекото ставете го на оган да зоврие.
Додека чекате млекото да зоврие, исечкјате ги јагодите. Важен е овој редослед, зашто филот се става веднаш по тргањето од огнот и брзо се стегнува. Сварете го пудингот во зовриеното млеко о мешајте додека да згусне, па тргнете од оган и додајте ги путерот и киселата павлака.
Мешајте додека сето да се соедини и изедначи. Веднаш половина од смесата сипете ја врз кекс-основата, па наредете ги јагодите. Врз јагодите сипете го остатокот од филот и израмнете. Овој дел работете го брзо зашто филот веќе ќе почне да се стегнува.
Преку пудингот рамномерно распоредете го остатокот од смесата со мелени бисквити. Израмнете. Изматете шлаг или слатка павлака, декорирајте одозгора и оставете да се олади во фрижидер. Деталите од видеопрезентацијата погледнете ги ОВДЕ.