Може да прочитате два рецепти кои се многу слични, но малку се разликуваат во односите. Резултатот е речиси идентичен. Одберете кој повеќе ви одговара.
РЕЦЕПТ 1 – За мерење се користи чаша од 200 мл. Потребни состојки: 2 чаши брашно, 2 чаши пченичен гриз, 1 чаша шеќер и 1 прашок за печиво. За овошен дел: 1-1,5 кг јаболка, 2 ванилин шеќер, цимет по вкус, 1 чаша шеќер, ¾ чаши масло
Постапка: Просејте го брашното заедно со прашок за печиво, додадете гриз и шеќер. Јаболката излупете ги и изрендајте ги, измешајте ги со шеќер, додадете ванила, цимет и масло. Промешајте добро.
Рерната загрејте ја на 180 степени. Плех со димензии приближно 20х30 см обложете го со хартија за печење.
Сувата смеса поделете ја на три делови, а јаболката на два дела. Во плехот прво нанесете еден дел сува смеса, израмнете да биде насекаде еднаков слојот, па потоа наесете еден дел од јаболката, па повторно суви состојки, па повторно јаболка и на крај завршете со суви состојки.
Ако ви останало малку сок од јаболката, полијте го полека одозгора и ставете во рерна да се пече 40 минути. Кога колачот е печен, оставете го малку да излади, па потоа сечете го и послужете го со чај или кафе.
РЕЦЕПТ 2 – Потребни состојки: 1 чаша гриз, 1 чаша брашно, 1 чаша шеќер, 1 прашок за печиво, 1 ванилин шеќер, јаболка по потреба и желба, цимет по желба и путер-маргарин по потреба за рендање одозгора
Постапка: Приложените количини овде се исклучиво информативни, инаку, величината на чаша не игра голема улога, секако ќе добиете добар колач, само внимавајте односот на намирниците да е добро распореден (1:1:1). Јас користам голема чаша од 300 мл.
Во подлабок сад ставете 1 чаша од 300 мл брашно, истата чаша – гриз, па на крај шеќер. Додадете еден прашок за печиво и ванилин шеќер. Сите овие состојки измешајте ги.
Дното на калапот намастете го и набрашнете го за да не се залепи колачот, а преку сето тоа со раце истурајте од сувата смеса (гриз, шеќер, брашно).
Слојот од суви состојки не треба да биде дебел, туку доволен колку да се покрие и да не се гледа дното. Преку сувата смеса наросете обилно рендани јаболка со малку мелен цимет.
Преку јаболката повторно наросете сува смеса додека целосно да се покрие. Постапката повторувајте ја додека имате материјал. На крај врз колачот изрендајте путер-маргарин па ставете да се пече во рерна на 200 степени околу 40 минути или додека да добие убава златна боја.