„Овој колач го посветувам на мојата машка публика за да ги изненадат своите сопруги кога ќе се вратат од работа. Колачот е брзо готов и се подготвува во еден потег. За подготовка на пандишпанот не ви е потребен миксер. Многу е сочен, мирисен и вкусен. Сите домаќинки го обожаваат, а тајната е во пандишпанот кој се подготвува од гриз и кокос“, вели Марина.
Мек колач кој може да го подготвувате на повеќе начини. Базата, односно основата на колачот е секогаш иста. Јас го преливам со растопено чоколадо, дечињата најмногу го сакаат така, бидејќи ги потсетува на палачинки со чоколаден крем. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 200 г шеќер, 200 мл обичен јогурт, 1 или 2 кесички ванилин шеќер, прстофат сол, 200 мл масло, 300 г гриз, 100 г кокос, 1 кесичка прашок за печиво. За глазура: 100 г чоколадо, 5 лажици масло.
ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад каде што ќе ја подготвувате смесата за пандишпанот, скршете ги четирите јајца, кои претходно се оставаат да отстојат на собна температура. Со кујнска жица или маталка изматете ги додека малку да се разредат. Посолете со прстофат сол кој ќе интензивира вкусот на останатите состојки.
Додајте 200 г шеќер, тоа се приближно една обична шолја и енергично изматете со лажицата, за шеќерот да почне да се растопува. Кога целиот шеќер ќе се апсорбира во јајцата, додајте 1 кесичка ванилин шеќер и повторно соединете. Сипете 1 шолја јогурт, кој исто така треба да биде млак.
Излејте една шолја масло и сѐ соединете, пред да го додадете гризот. Јас гризот не го мерев на вага, ставив 1 и пол шолја. Нежно соединете ги состојките, па потоа додајте 100 г кокос (половина шолја). На крајот додајте 1 кесичка прашок за печиво. Изматете сѐ заедно додека да се разбијат сите грутчиња.
Подгответе си еден плех за печење (со стандардна големина). На дното од плехот поставете хартија за печење. Малку набрашнете го дното, а страните на плехот намастете ги за колачот да не ви се залепи. Пред да го излеам колачот во калапот, додадов уште 1 кесичка ванилин шеќер, но ова е секако опционално.
Вака подготвената смеса со густа конзистентност излејте ја во калапот и рамномерно распоредете ја. Вклучете ја рерната да се загрее на 200 или 210 степени. Кога ќе бидете сигурни дека рерната е добро загреана, набрзина ставете го плехот во неа. Пандишпанот се пече приближно 40-тина минути, но сѐ зависи од рерната.
Јас го печев на 200 степени, а после 30 минути беше готов. Значи, повремено проверувајте го за да не ви загори. Проверете го колачот со чепкалка на средината, но кога ќе се испече, самиот ќе се одвои од плехот. Пандишпанот преубаво мириса. Додека колачот малку се лади, подгответе го со чоколадна глазура:
За глазура: Во еден подлабок сад или ѓезве растопете го чоколадото и прелијте со 5 лажици масло. Кога чоколадото ќе се растопи, прелијте го пандишпанот и рамномерно распоредете. Одозгора наросете со кокос или мелени ореви. Вака подготвениот колач оставете го целосно да се олади пред послужување.
Колачот може да се прелие и со шербетен сируп и да се нароси со кокос или мелени јатки, но јас овојпат одлучив да го подготвувам со растопено чоколадо. Колачот е највкусен кога целосно ќе се олади и може да стои по неколку дена, но речиси никогаш не останува повеќе од еден ден. Деталите за рецептот погледнете ги ОВДЕ.