Кој го пробал овој колач со чоколадни бананчиња, веднаш го побарал и рецептот. Освен што е многу вкусен и особено обожаван од децата, колачот е лесен за подготовка.
Ќе забележите дека се состои од три различни креми, но всушност сето тоа е еден крем што го делиме на три и во секој дел додаваме различни состојки. Вкусот на чоколадните бананчиња е особено изразен во колачот, што е одлично. Еве што ви е потребно според рецептот на Наташа:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 кесички пудинг од ванила (2х40 г), 2 лажици густин/скроб/нишесте, 2 лажици брашно, 100 г шеќер, 1 литар млеко, 250 г маргарин или путер, 100 г чоколадо за готвење, 10 чоколадни банани, 200 г Нутела или друг еурокрем, 400 г петит бисквити, млеко за натопување на бисквитите, 200 мл шлаг
ПОДГОТОВКА НА ТРИ КРЕМИ
1. Пудингот од ванила, брашното, густинот, шеќерот се мешаат со малку млеко.
2. Остатокот од млекото сварете го.
3. Кога млекото ќе зоврие, тргнете го малку настрана и додајте ја претходно измешената смеса со пудинг.
4. Вратете го тенџерето назад на оган и варете со непрекинато мешање додека убаво да згусне.
5. Готовиот крем истурете го во сад и покријте го со фолија.
6. Се остава да се излади.
7. Отстранете ја фолијата и изматете го кремот.
8. Додајте омекнат маргарин или путер на собна температура и сè добро изматете со миксер.
9. Кремот поделете го на три еднакви дела.
10. Во едниот дел додајте ја ренданата чоколада која претходно сте ја изрендале на поголемиот дел од рибежот/рендето.
11. Во вториот дел додајте исечкани крем банани.
12. Во третиот дел додајте нутела или друг еурокрем/лешников крем.
РЕДЕЊЕ:
1. На плех се редат петит бисквити кои претходно мора да се натопат кратко во ладно млеко. По желба тортата можете да ја наредите во тркалезен калап. Ставете 4 реда хоризонтално, 4 вертикално и на тој начин пополнете ја целата површина.
2. Распоредете го кремот со рендано чоколадо и израмнете.
3. Потопете ги бисквитите во млеко за новиот ред и ставете ги врз кремот.
4. Распоредете го кремот со бананчиња.
5. Потопете ги бисквитите во млеко и наредете ги врз кремот.
6. Распоредете го кремот со нутела.
7. Изматете го шлагот и распоредете го врз последниот крем.
8. Тортата ставете ја во фрижидер преку ноќ. Видеопрезентацијата погледнете ја ОВДЕ.