Ако барате едноставен колач кој е вкусен, кремаст, брзо се прави, а покрај тоа е и многу евтин, така што мора да го испробате овој суперколач.

За да го приготвите ќе ви бидат потребни банани, кекси и чоколадо, состојки кои многу си одговараат – ќе ве воодушеви вкусот.

Рецептот и видео презентацијата е на Драгана од “Направи сама – Идеи за креативци” – Брз колач со банани. Толку е едноставен што може да го направи и дете.

Уште една супер работа кај овој колач е тоа што не се пече.

Потребни состојки:

1 литар млеко
3 кесички пудинг од ванила
5 лажици шеќер,
300 г кекси,
1 чаша кисела павлака (200 г),
200 г путер или маргарин,
2-3 раце чоколадни трошки или рендано чоколадо,
2-3 банани,
200 мл слатка павлака и
200 г чоколадо.

Постапка:

Од литар млеко одвојте малку, а остатокот ставете го во тенџере на оган да се загрее.

Во малиот дел млеко што го одвоивте додаjте го прашокот од 3 кесички пудинг со вкус на ванила и 5 лажици шеќер. Промешајте добро со жица за матење за да нема грутчиња. Кога ќе зоврие млекото постепено додајте ја разматената смеса.

Мешајте постојано додека пудингот да се свари и згусне. Сварениот пудинг тргнете го настрана и додека сè уште е врел додајте му 200 г путер или маргарин исечен на коцки. Промешајте добро додека да се растопи и соедини во кремот.

Потоа додајте кисела павлака и уште еднаш убаво промешајте.

Оставете го кремот малку да подизлади (да биде млак). Во изладениот пудинг додајте 300 г кршени петит кекси (бисквитите кршете ги со грубо со рака). Промешајте и на крај додајте 3-4 супени лажици чоколадни трошки (капки) или рендано чоколадо.

Плех со димензии 33х21 см намастете го со путер. Половина од смесата излејте ја во приготвениот калап, распоредете и израмнете. Преку смесата наредете три банани пресечени надолжно на половина. Одозгора посипете уште 3-4 супени лажици чоколадни трошки.

Одозгора рамномерно распоредете ја и втората половина од кремот. Колачот е готов, само уште останува да се олади. Прво оставете го на собна температура околу половина час, а потоа ставете го во фрижидер уште час и половина за убаво да се стегне и да се поврзат состојките.

За глазура:

Во помало тенџере загрејте течна слатка павлака 200 мл и загрејте ја на умерен оган. Внимавајте да не ви зоврие. Слатката павлака треба да биде врела, но не смее да зоврие (го менува вкусот).

Потоа намалете ја температурата и додајте го чоколадото (200 г) искршено на коцки и мешајте да се растопи и соедини.

Кога глазурата ќе се растопи и добие сјајна конзистенција, извадете го колачот од фрижидер, почекајте 5 минути, па рамномерно прелијте ја одозгора.

Оставете да се олади и стегне глазурата, а потоа сечете го и послужете го. Сите детали од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.