Есента стигна, па во тмурните денови овој колач е вистинско освежување! Вистински ароматичен колач кој брзо и лесно се приготвува – целата куќа ќе ви мириса убаво!
Потребни состојки:
4 јајца
200 г шеќер
1 ванилин шеќер
150 мл масло
250 г брашно
1 прашок за печиво
3 средни моркови
3 јаболка
1 лажичка цимет
½ лажичка мускатно оревче
за глазура:
200 г чоколадо
50 г путер/маргарин
2 лажици масло
Постапка:
Прво измијте ги и излупете јаболката и морковите, а потоа изрендајте ги во еден сад.
Во друг пенасто изматете ги јајцата со шеќерот и ванилин шеќерот. Потоа додадете масло, промешајте, а потоа брашното измешано со прашок за печиво и сето заедно добро соединете го со миксер.
На крај во смесата додадете ги ренданите јаболка и моркови, зачинете со цимет и мускатно оревче, па добро соединете. Ако не сте љубител на мускатно оревче, слободно изоставете го, тоа е по лична желба.
Смесата излејте ја во помал плех (20х30 см) кој претходно сте го намастиле и наросиле со брашно, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 30-35 минути.
За глазура: растопете го чоколадото со путерот и маслото на најтивок оган со постојано мешање. Прелијте го колачот и оставете да се стегне и излади.