Рецепт и видео презентација на Бојана од Sace Recepti – Колач од еден сад. Толку е едноставен и совршен што можат да го прават дури и оние кои нималку немаат искуство во кујната. Добро ќе им дојде на сите, се прави без голема мака, а се добива совршен вкус.
Здраво на сите, еве еден лесен рецепт кој можеби многумина од вас го знаат, но можеби има и некои што не го знаат, па ете да го направиме овој старински колач/торта на заедничко задоволство. Ќе извалкате само едно тенџере, а потоа смесата ќе ја претурите во плех.
Потребни состојки: 1 литар млеко, 3 пудинзи од чоколадо, 5 лажици шеќер, 250 г путер или маргарин, 300 г кекси, банани, 250 г чоколадо за готвење (колку е поквалитетно чоколадото, толку колачот е повкусен) и 250 мл слатка павлака за шлаг.
Димензиите на плехот во кој се приготвува овој колач е 34х23 см или приближно. Постапка: Во едно тенџере ставете го млекото и додадете шеќер. Количината на шеќер можете да ја менувате, во зависност од тоа колку вие сакате да ви биде слатко.
Следното што треба да го направите е да додадете пудинг од чоколадо. Со жица за матење убаво соединете ја смесата за да нема грутчиња, па тенџерето ставете го на оган за да се свари пудингот. Варете го на умерена температура со непрекинато и енергично мешање за да не загори, сè додека да згусне пудингот.
Пудингот не треба да биде премногу густ и тврд, туку сепак да има некоја средна густина и влажност која подоцна ќе ја впијат кексите, а и со ладење дополнително ќе се стврдне. Додека сè уште е топол пудингот во него додадете го путерот (или маргаринот) исечкан на коцки и убаво промешајте додека да се растопи и соедини со пудингот.
Ова е толку едноставно и лесно да се приготви, што навистина не ви е потребна некоја голема умешност во кујната. Најважното е само убаво да промешате и да го сварите пудингот. Понатаму сè е многу лесно. Кога и путерот убаво ќе се растопи, во пудингот ставете кршени биксвити.
Кексите кршете ги со раце како ќе ви дојде, на крупни или ситни парчиња. Јас користам петит кекси со путер, а вие може да користите каков имате или сакате. Може да користите и плазма, само е потребно добро да ја искршите. Потоа промешајте за да се изедначи смесата е кексите рамномерно да се натопат во пудингот.
Вака измешаната смеса оставете ја 5 минути да се подизлади. За тоа време вие пригответе го садот во кој ќе ја излиете смесата. Може да користите тркалезен калап, но и во плех, а од димензиите ќе зависи колку ќе ви биде висок колачот.
Откако ќе го приготвите калапот, излејте во него половина од смесара, рамномерно распоредете и израмнете. Потоа наредете било какво овошје. Овојпат јас ќе наредам банани, но кај мојата кума го пробав колачот кој таа тогаш го имаше приготвено со вишни и малини и беше одличен.
Така што, може да го комбинирате со било кое овошје, по ваша желба и вкус. Ако го филувате колачот со банани, за да не ви потемнат може малку да ги протриете со лимонов сок, но и не мора ова да го направине, Едноставно излупете ги, пресечете ги надолжно и наредете ги врз смесата.
Користете убаво узреани банани, бидејќи тие се посочни и поблаги. Ќе ви бидат потребни 5-6 банани, но количината исто така зависи од калапот и од тоа колку густо ќе ги редите. Преостанува само уште да го истурите остатокот од смесата. Убаво распоредете врз бананите и израмнете одозгора.
Вака приготвениот колач оставете го прво да излади на собна температура, а потоа изладете го во фрижидер. На крај може да се прелие со чоколадна глазура: чоколадото искршете го на коцки и растопете го на пареа. Потоа додадете му ја и слатката павлака и мешајте додека да се соединат во течна глазура.
Излејте ја глазурата врз добро изладениот колач. Убаво израмнете и оставете го колачот добро да се излади во фрижидер. Најдобро е да преноќи па следниот ден да го сечете. Уживајте во вкусот. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.