Едни од најомилените колачи се токму оние кои се приготвуваат брзо, со бисквити и крем кој најчесто се подготвува од пудинг со разни вкусови, а помеѓу слоевите обично се ставаат банани или некое освежително бобесто овошје.
Освен што се приготвуваат брзо, зашто не се вклучува рерната, тие се многу вкусни и може да се декорираат како торти, кремасти се и се топат во уста. Овојпат ви го претставуваме рецептот на Ана Гон-Ивастанин во кој се користат лешник карамел бонбони, кои кога ќе се растопат во пудингот даваат извонредна арома и вкус. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 600 г бисквити по ваш избор и вкус, 1 литар млеко, 10 супени лажици шеќер (или по вкус), 3 кесички пудинг (120 г) со вкус на карамел (или ванила), 250 г маргарин или путер, 200 г шеќер во прав, 300 г жолт шлаг крем во прав, 100 г лешник карамел бонбони, 400 мл газирана вода и 50 г чоколадо
ПОСТАПКА: 800 мл млеко ставете во тенџере заедно со 10 лажици шеќер и загревајте на умерена температура додека да зоврие. Во остатокот од млекото (200 мл) сипете го прашокот за пудинг и убаво изматете го додека да се растопи и да нема грутчиња.
Штом зоврие млекото намалете ја малку температурата или потргнете го тенџерето настрана, па во тенок млаз додајте го разматениот пудинг додека непрекинато мешате за да се раствори во топлото млеко.
Сварете го пудингот вообичаено, неколку минути со постојано мешање додека да се постигне посакуваната густина, вообичаено како сте вари секој пудинг. Потоа тргнете го тенџерето настрана и додека пудингот е врел додајте ги карамел бонбоните и мешајте додека целосно да се растопат.
Потоа филот оставете го целосно да се олади до собна температура со повремено промешување за да не фати коричка, или пак, покријте го со проѕирна-стреч фолија. Путерот исечкјате го на листови и оставете го да омекне на истата собна температура.
Во омекнатиот путер додајте шеќер во прав и пенасто изматете го со миксер додека да стане кремаст. Потоа лажица по лажица во него додавајте го изладениот пудинг и матете додека целосно да се соедини во нежен и свиленкаст крем.
Во посебен сад изматете цврст шлаг со газираната вода. Шлагот и филот одокативно поделете ги на три дела. На тацна за сервирање наредете ги бисквитите една до друга во еден ред, вкуспно 200 г бисквити (или според големината на вашиот калап).
Преку наредените бисквити распоредете третина од филот и израмнете, потоа третина шлаг, па наредете втор ред бисквити. Потоа повторно премачкјате третина фил, па втортата третина од шлагот, па постапката повторете ја уште еднаш.
Врз последниот слој бисквити нанесете го остатокот од филот и завршете со шлаг. Израмнете добро, на одозгора изрендајте 50 г чоколадо или декорирајте по ваша желба. Колачот оставете го неколку часа да отстои во фрижидер или најдобро преку цела ноќ. Рецепт и фото на Ана Гон-Ивастанин.