Земете малку овесни снегулки, какао и банани и направете го овој совршен десерт. Без додавање на шеќер и брашно, од само неколку состојки, колачот е готов за 5 минути. Покрај тоа е безглутенски и може да го јадете ако сте на диета или ако имате проблем со цревата.




Има многу корисни рецепти со овесни снегулки, а ако ви здодеа од класичната овесна каша, може да си го направите овој колач кој нема брашнест вкус. Излегуваат доста парчиња за цела фамилија, ќе ви стане омилен. Еве што е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 120 г овесни снегулки, 250 мл топло млеко, 2 големи банани (околу 200 г без лушпа), 2 јајца, прстофат сол, 30 г какао, 5 г прашок за печиво. Декорирајте со јатки (ореви, бадеми лешници), опционално. ЗА ГЛАЗУРА: 100 г црно чоколадо и 50 мл млеко.




ПОСТАПКА: Овесните снегулки измешајте ги со 250 мл топло млеко (загреано, не зовриено) и оставете да отстојат настрана 10 минути за малку да омекнат. Во меѓувреме излупете и испасирајте ги бананите рачно со виљушка или во блендер. Не треба да остануваат покрупни парчиња од бананите.




Во кашата од банани додајте прстофат сол и 2 јајца и убаво соединете со жица или маталка. Во смесата додајте го какаото и прашокот за печиво и повторно измешајте до соединување. Постепено додајте ја смесата од банани во отстоените овесни снегулки и пополека измешајте во еднолична смеса.




Огноотпорен сад, премачкан со малку путер со димензии 22х16, излејте ја смесата и убаво распоредете ја. Печете во претходно загреана рерна на 180 степени околу 35-40 минути, во зависност од јачината на рерната. Пред да го ставите колачот на печење може да го декорирате со ситно сечкани јатки како ореви, лешници или бадеми.




Додека колачот се пече направете ја глазурата така што ќе го соедините чоколадото, скршено на коцки со млекото. Ставете да се растопи на пареа/микробранова печка или директно на рингла. Потоа, кога глазурата малку ќе се олади, префрлете ја во кујнски шприц.




Глазурата не се прелива целосно врз колачот туку се декорира со линии кои ќе ги правите со повлекување на шприцот налево и надесно низ колачот. Направете убав пресек како коцки кои се испреплетуваат и оставете да се олади на собна температура и малку да се стегне чоколадото одозгора. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.