Фотографија и рецепт на Ранкос.
Прекрасно ровко тесто со кокос за кекси споени со пудинг – чисто уживање и права фантазија од вкус. Уште еден рецепт за вистинските кокосољубители, а за оние кои не се, кога ќе го пробаат, ќе го засакаат.
Потребни состојки: 200 г маст/маргарин, 200 г шеќер, 2 ванилин шеќер, 100 г кокосово брашно + 1 пудинг од ванила, 1 прашок за печиво, 2 јајца, 100 мл јогурт и 450 г брашно. За фил: 1 пудинг од кокос, 3 лажици шеќер и 400 мл млеко. За наросување: 100 г шеќер во прав и 1 ванилин шеќер
Постапка: Во подлабок сад ставете ги јајцата, шеќерот и ванилин шеќерот, па добро изматете со миксер. Додадете ја омекнатата маст, јајцата, јогуртот и повторно изматете со миксер. Додадете кокос и пудинг од ванила, па изматете да се изедначи.
Брашното измешајте го со шрашок за печиво. Половината додадете ја во смесата и изматете. Потоа тргнете го миксерот, па постепено додавајте го остатокот од брашното и замесете меко тесто кое не се лепи на раце.
Тестото завиткајте го во фолија и оставете го во фрижидер да отстои половина час до еден час за убаво да се стегне. За тоа време сварете го пудингот од кокос и оставете го да излади.
Тестото развлечете го на набрашнета површина со дебелина приближно околу 4 мм. Со калап за ванилици вадете фигури и редете ги во плех обложен со хартија за печење.
Ванилиците ставете ги да се печат околу 12-15 минути во загреана рерна на 200 степени или зависно од рерната. Не смеат да пожолтат. Кога ќе забележите дека малку заруменуваат, вадете ги од рерна зошто треба повеќе да останат бели.
Кога ќе изладат спојувајте ги по две со фил од кокос, па валкајте ги во шеќер во прав измешан со ванилин шеќер. Оставете ги на ладно два часа, а потоа можете да ги јадете. Колку повеќе стојат, толку стануваат поубави и поубави…