Кокос коцките со првиот залак ќе станат вашиот омилен колач. Десертите со кокос се омилени, а најпознати се рафаело топчињата. Ако сте љубител на овој вкус, а ги сакате и слоевитите десерти со мек бисквит и раскошен фил, тогаш ви предлагаме да ги направите овие кокос коцки (рецепт 1) кои ќе ве освојат со првиот залак.
Не постои некој кој може да им одолее на овие вкусни колачи, особено ако се сочни и залиени со убав сируп (рецепт 2), а најдоброто од сè е што многу брзо и лесно и се приготвуваат. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 6 белки, 250 г шеќер, 50 г кокосово брашно, 100 г брашно, 1/2 кесичка прашок за печиво (5 г), 200 мл млеко. За фил: 6 жолчки, 2 кесички пудинг од ванила (80 г), 4 супени лажици брашно, 15 супени лажици шеќер, 1 литар млеко, 200 г путер, 200 мл слатка павлака и кокос за декорација.
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за мерење се користи чаша од 250 мл): 6 јајца, 1 чаша шеќер, 2 кесички ванилин шеќер (20 г), 1.5 чаша масло, 1.5 чаша јогурт, 1/4 чаша слатка павлака, 1.5 чаша брашно, 1.5 чаша гриз, 2 мали лажички прашок за печиво (1 кесичка од 10 г), 1/2 мала лажичка сол, 2 чаши кокос. За сируп: 2.5 чаши шеќер, 4 чаши вода, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), сок од половина лимон
ПОСТАПКА за рецепт 1: Пенасто изматете ги белките, па започнете постепено да го додавате шеќерот и матете додека да добиете цврст снег кој не паѓа од садот кога ќе го превртите. Додајте просеано брашно и кокосово брашно (ситно мелено), помешано со прашок за печиво. Полека соединете со лажица или шпатула внимавајќи смесата да остане воздушеста и пенлива.
Рамномерно распоредете ја во плех од рерна обложен со хартија, израмнете и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени приближно 15 минути. Кога е печен бисквитот извадете го и прелијте го со топло млеко, па оставете да се олади. За тоа време пригответе го филот.
За фил: Помешајте го прашокот за пудинг, брашното и шеќерот, па додајте ги жолчките и добро разматете. Додајте и 200 мл млеко за да се разреди мешавината и да нема грутчиња. Остатокот од млекото (800 мл) ставете го тенџере на оган, па штом зоврие намалете ја температурата и сипете ја мешавината во тенок млаз додека непрекинато мешате.
Варете го кремот додека да згусне, а потоа претурете го во друг сад, прекријте го со проѕирна фолија за да нефати корички и оставете го да се олади до собна температура. Путерот омекнат на истата собна температура пенасто изматете го, па во него додајте го оладениот крем, лажица по лажица и соединете.
Настрана во посебен сад изматете ја слатката павлака како шлаг, па соединете ги двете креми, но со шпатула или лажица. Филот распоредете го преку оладениот бисквит, обилно наросете кокос и оставете добро да се олади пред послужување. Следи постапката за вториот рецепт:
ПОСТАПКА за рецепт 2: за сирупот треба да ги измешате сите состојки во едно тенџере и да го ставите на оган, па кога ќе зоврие да ја намалите температурата на умерено и да продолжите со готвење 15-тина минути. Потоа сирупот оставете го да се лади додека се приготвува колачот.
За колачот потребно е добро да се изматат јајцата со шеќерот и ванилата, додека тие да згуснат и станат кремасти. Потоа додајте масло во тенок млаз додека непрекинато матите, па јогуртот и слатката павлака, па миксајте додека сето да се соедини.
Потоа на неколку наврати додавајте ги сувите состојки, најдобро просеани: брашното помешано со сол и прашок за печиво, како и кокосовото брашно. Мешајте со лажица или кујнска шпатула за да остане смесата пенлива и воздушеста. Кокосот се додава последен.
Смесата излејте ја во намастен плех со величина од 40х26 см и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, приближно 30-35 минути, во завиосност од рерната, а најдобро да се провери со чепкалка. Печениот врел колач залијте го со сирупот и обилно наросете со кокос. Прочитајте го и рецептот за најевтиниот кокос колач во два слоја ОВДЕ, омилен им е на многумина. Рецепт на Ари / Сооlinarika.сom