Ако баравте брз и едноставен рецепт за празнични ситни колачи, тогаш сте на вистинското место. Се приготвуваат брзо, а се печат само 10 минути. Многу се декоративни, а што е најважно, превкусни се. Ви го претставуваме рецептот на Десанка. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 340 г брашно, 270 г путер или маргарин, 200 г шеќер, 150 г кокос, 1 јајце, 50 г чоколадо за готвење, 1 мала лажичка масло, малку шеќер во прав за наросување одозгора, малку чоколадни бонбони во боја и суво грозје за декорација
ПОСТАПКА: Замесете тесто од брашно, шеќер, кокос, јајца и омекнат путер на собна температура (или маргарин). Кокосот може да биде во вид на брашно, но може да биде и во вид на снегулки, сеедно, секако добро излегува.
Замесеното тесто оставете го во фрижидер „да одмори“ околу половина час, односно да се стегне путерот во него. Потоа извадете го, малку премесете го и поделете го на неколку помали делови за полесна работа.
Од секој дел со помош на дланките развлечете тенки и долги валјачиња. Потоа делете ги на половина, па на четири, осум, шеснаесет… а од секое делче обликувајте топче. Можете и директно да кинете од тестото, на на овој начин секогаш ќе ви бидат приближно еднакви.
Топчињата редете ги во плех обложен со хартија за печење. Со врвот од дрвена лажица правете мали вдлабнувања во средината од секое, како за колачите „птичји гнезда“. Ставете ги во загреана рерна на 200 степени и печете ги 10-тина минути.
Колачите мора да останат бели. Оставете ги да подизладат, па одозгора наросете ги со шеќер во прав (не мора). На пареа растопете едно чоколадо со малку масло (1-2 лажици), па внимателно, со мала лажичка полнете ги вдлабнатините на колачињата.
Декорирајте ги по желба. Јас одозгора им ставав шарени чоколадни бонбони, но може и суво грозје, сечкани ореви, лешник и слично, а може да ги оставите и така. Кога ќе се стврдне чоколадото можете да ги послужите. Рецепт на Десанка.