Кога се омажив пред 23 години бев „незнајко“ во кујната, знаев да спржам јајца и да направам уште неколку едноставни јадења. За среќа, имам многу добра свекрва која многу сакаше да ме научи да готвам. Денес после 23 години месам тесто како професионалец, но знам и многу други рецепти.
Маж ми постојано ми го фали ова тесто од кое најчесто подготвувам пица, но ако ми остане го искористувам за фурнаринки или некои други печива и закуски. Тестото може да го направите еден ден однапред или да го подготвите истиот ден. Многу е меко, не се стврднува.
Ако тестото го искористите за пица, филувајте ја по желба. Јас најчесто ја подготвувам со доматен сос, растеглив кашкавал како моцарела и зеленчук по вкус (маслинки, печурки, сечкани пиперки…). Може да ставите и нешто сувомеснато или јајце. Еве што ви е потребно за тестото, а во продолжение детално проследете ја постапката:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г брашно, 25 г квасец (свеж), 50 мл маслиново масло, топла вода, 1 лажичка сол. ЗА ФИЛОТ: сос од домати, моцарела кашкавал, зеленчук по вкус. Доколку користите сув квасец, ставете 10 г.
ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад истресете 500 г брашно. На средина направете мала вдлабнатина и издробете го свежиот или само истресете го сувиот квасец. Низ целото брашно сипете го наизменично маслиновото масло. На средина сипете приближно 50 мл топла вода и започнете да мешате со рака на средината.
Кога ќе се измеша сѐ во средина, постепено започнете да го нафрлате брашното од страните. Постепено излевајте од водата. Не знам точно колку вода искористив, затоа додавајте постепено, додека да замесите фино и меко тесто, кое не треба да се лепи под прстите.
Откога тестото ќе се соедини, пренесете го на едната половина од садот, а на другата половина додајте 1 лажичка сол и малку вода. Промешајте со прстите, па ставете го тестото врз водата и солта и домесете додека целосно да ја впие водата. „Исчитете“ го садот на тестото така што ќе ги соберете сите остатоци од брашното.
Вака замесеното тесто покријте го со кујнска крпа и оставете го да отстојува во топла просторија, без провев, приближно 30 минути или колку што е потребно. Кога тестото ќе ја удвои својата големина, поделете го на 4 еднакви делови. Секој дел обликувајте го во топка. Земете го едното тесто, пренесете го на набрашнета површина, а останатите оставете ги покриени во садот.
Развлечете го тестото со оклагија во фин и тенок круг. Потребно е да развлечете тенка кора. Кога ќе развлечете, опфатете го тестото со рацете и малку истресете го така што ќе го пренесувате прво во едната, па во другата рака. Вака подготвеното тесто пренесете го во плех кој одговара на големината на тестото. Плехот треба да биде обложен со хартија за печење.
Филувајте ја пицата со доматен сос, рендана моцарела, маслинки, печурки, пиперки, туна или што имате во фрижидерот. На овој начин подгответе ги и останатите пици. Пицата се пече на највисока температура во рерната (мора да биде добро загреана), 11-15 минути, со проверување – на 250 степени.
Доколку не сакате да подготвувате 4 пици одеднаш, можете тестото да го замрзнете и да го искористите во период од неколку денови. Пицата е највкусна доколку се јаде топла, но и да ви остане за вечерта или следниот ден, може да ја загреете во тавче со малку вода, под капак. Деталите погледнете ги ОВДЕ.