Тестенините се омилен оброк на многумина. Можат да се подготвуваат во различни облици, но речиси најмногу се јадат таљателите, кои се многу слични на јуфките. Оние што често јадат тестенини, знаат дека можат да се комбинираат со најразлични сосеви, како: доматен сос, кашкавал, песто, мелено месо итн…
Доколку сакате да ослабете, но тешко ви оди при исфрлање на овие јаглени хидрати од исхраната, имаме совршен предлог за вас. Тестенините кои се подготвуваат од црвена леќа не се разликуваат многу од обичните. Се прават лесно и многу брзо. Кога првпат ги направив немав некои големи очекувања, а сега можам да кажам дека дома ни се омилени.
Овие тестенини не содржат глутен, богати се со многу растителни влакна и содржат малку масти. Одличен извор се на протеини и антиоксиданси. Многу се вкусни и можат да се комбинираат со најразлични сосеви, со доматен сос и мелено месо се совршена комбинација. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г брашно од црвена леќа (1 1/2 чаши), 190 мл вода (не ја сметам водата како 1 состојка) – 3/4 шолја. Можете да користите секаков вид брашно од леќа. Јас си правам домашно брашно од црвена леќа, така што ја сомелувам.
ПОСТАПКА: Сомелете ја леќата во блендер на неколку наврати. Доколку не ви ја собира целата количина одеднаш во блендерот, направете го тоа на неколкупати. Леќата треба да се сомеле многу ситно, без поголеми парчиња, така што ќе биде прашеста, како обично брашно.
Откога ќе ја соедините, додајте ја млаката вода и започнете лесно да промешувате. Ќе забележите дека смесата ќе почне да се згуснува. Во зависност од количината на леќата можеби ќе биде потребно да додадете 30-40 мл повеќе вода. Измешајте во паста со конзистентност на влажен песок.
Вака соединетата смеса пренесете ја на рамна површина и со навлажнети раце соединете уште малку со замесување. Тестото се меси со превртување кон внатрешните страни за да стане компактно. Тестото не се чека да отстојува, веднаш се дели на два еднакви дела.
Прво започнете да го работите првиот дел, а вториот покријте го со кеса за да не се суши. Ставете го тестото на набрашнета површина (со останатото брашно од леќа), па со прстите притиснете го за да се развлече. Потоа, со оклагија уште малку развлечете го (да не биде премногу тенко бидејќи ќе ви се скине).
Од вака подготвеното тесто, исечете тенки ленти со големина на јуфки. Вака подготвените тестенини може да ги сварите веднаш во зовриена, солена вода. Се варат многу кратко време, додека да се издигнат на површината. Потоа, процедете ги од водата и послужете ги со сос по ваша желба. Деталите погледнете ги ОВДЕ.