Кога првпат ова го пробав кај другарка ми Сашка, беше сервирано како предјадење и навистина не знаев што јадам. Ми личеше на похуван кашкавал, но вкусот беше поинаков и малку посладок.
Тогаш ми го кажа рецептот, на кој јас дополнително му додадов пармезан. Вака приготвената палента многу ми се допаѓа и повремено ја правам за појадок или вечера.
Дома се тепаат кој побрзо ќе земе парче уште додека се топли, дуваат во нив или ги ладат во сос од кисело млеко, сенф и магдонос.
Потребни состојки:
100 г инстант палента
20 г рендан пармезан (1/2 кесичка)
1 поголемо јајце
брашно, презла за похување
за сос:
3-4 лажици кисела павлака
1-2 лажици сенф
1-2 лажици сечкан магдонос
малку сол
Постапка:
Сварете ја палентата во вода, па на тивок оган варете ја неколку минути. Зачинете со сол и црн пипер. Тргнете го садот од оган, па додадете рендан пармезан.
Палентата излејте ја во некој плиток сад, да биде со дебелина од 1 см и оставете да излади и а се стегне.
Потоа, кога ќе излади сечете ја палентата на коцки, валкајте ги во брашно, па натопувајте ги во матено јајце за да се обложат од двете страни и на крај валкајте ги во презла од двете страни.
Похувајте ги во загреано масло. Готовите парчиња палента редете ги врз кујнска салветка за да се впие вишокот маснотија, па послужете ги како предјадење со сос.
За сос: Промешајте кисела павлака со сенф и сечкан магдонос. Посолете и добро промешајте.
Со похуваната палента може наместо сос да се послужи прилог од динстан зеленчук.