Ова е еден совршен ручек без месо од само три состојки. Едноставно е и за неколку минути, ручекот ќе биде на вашата маса. Често го јадев ова јадење кога бев дете,  мајка ми ќе ги набереше пиперките од градината и го подготвуваше ова јадење кое воодушевува и со мирис и со вкус.

Мајка ми секогаш месеше и домашен леб или погача и сите јадевме со сласт, додека тавчето да биде целото исчистено со лепчето. До ден денес, мајка ми го подготвува овој ручек кога ќе отидам кај неа на село и на врата ме пречекува со него, а не ја заборава ни миризливата погача.

Јас го подготвувам за моите дечиња, но морам да признаам дека со домашни пиперки и домати, ова јадење има многу поубав вкус. Доматите ја имаат онаа посебна сладина, а и пиперките многу се разликуваат од оние купечките од продавница. Доколку имате можност набавете си домашни пиперки и домати, да го почувствувате оригиналниот вкус на ова јадење. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5-6 свежи пиперки, 6-7 домати, малку лук, 7 лажици младо сирење или по ваш вкус, малку сол, црвена зачинска пиперка, 1/2 лажичка шеќер, малку сечкан магдонос.

ПОСТАПКА: Пресечете ги пиперките од горната страна кај дршката така што ќе се направи поголема дупка. Наредете ги една до друга во поголемо тавче, да не се преклопуваат и сипете тенок млаз на масло преку нив. Посолете ги малку, па покријте го тавчето со соодветниот капак.

Ставете го тавчето на среден оган и оставете пиперките фино да се пропржат. Доколку температурата е многу висока, по потреба намалете ја. Кога ќе поруменат пиперките од првата страна, превртете ги на втората. Во меѓувреме подгответе ги доматите.

Прво подгответе си 4-5 домати, а останатите 2 зачувајте ги за подоцна. Отстранете ја петелката, па исечете ги на средни парчиња и ставете ги во блендер. Изблендирајте ги во густ сок, без поголеми парчиња. Доколку ви е полесно, истото направете го со рачен блендер.

Преостанатите два домати излупете ги, па исечете ги на многу ситни коцки, кои ќе ги помешате во свежиот сок од домати. Кога пиперките ќе се готови, пренесете ги во една чинија, многу убаво мирисаат. Во истото тавче сипете го сокот од доматите со сечканите парчиња и гответе на тивок оган.

Гответе додека течноста да испари, па директно во смесата ставете неколку чешниња лук поминат низ преса или ситно исечкан. Повремено промешувајте. Посолете, додајте малку шеќер и црн пипер. Јас не користев домашни домати од бавчата, па затоа додадов малку шеќер.

Промешајте, па оставете да се готви уште 5 минути, пред да ги додадете пиперките. Сирењето издробете го или ситно исечкајте го, па додајте го во густиот сок од домати. Нежно промешајте, па наредете ги пиперките во тавчето со сосот.

Гответе уште 5 минути под капак и ручекот е спремен за послужување. По потреба додајте уште малку сол, но претходно дегустирајте. Деталите од целата постапка погледнете ги ОВДЕ.