Moите дома ја нарекуваат пита од компир и зеленчуци, а јас им викам дека е солена торта. Вкусна, лесна и здрава идеја за ручек која може да ја јадете додека сте на диета или некој режим на исхрана. Се прави многу лесно, а заситува бидејќи изобилува со многу нутритивни својства.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г варени компири, 30 г несолен путер, 50 мл млеко, 1 јајце, 150 г брашно, 1 кромид, 1 поголем морков, 500 г печурки по ваш избор, маслиново масло, сол, црн пипер, 150 г рендан кашкавал и малку копар за наросување.




ПОСТАПКА: Компирите сварете ги на класичен начин додека да омекнат во солена вода за да може да се изгмечат во пире. Кога ќе ги сварите, процедете ја водата од нив и изгмечете ги со виљушка. Посолете ги, но запамтете колку сол ставате бидејќи и во останатите состојки се става сол, па да не го пресолите јадењето.




Потоа во пирето додајте коцка путер и мешајте додека да се растопи. Додајте го млекото и јајцето. Измешајте додека состојките да се инкорпорираат во пирето, а на крајот додајте го брашното. Фино измешајте го тестото додека да биде без грутки од брашно.




Тестото треба да биде воздушесто и вискозно. Ставете го во калап со флексибилен обрач (мојот е со пречник од 18 см) и обложен на дното со хартија за печење. Добро измазнете ја смесата, а на страните направете да биде малку повисока.




Кромидот исечкајте го ситно и ставете го да се пропржи на тивко во малку маслиново масло. Во него додајте го и ренданиот морков. Гответе додека течностите да испарат, а кромидот стане транспарентен. Посолете. Отприлика ќе биде потребно да готвите уште 2-3 минути откога ќе го ставите морковот.




Потоа тргнете ја смесата настрана и почекајте да се излади. Во меѓувреме, во истото тавче пропржете ги печурките (ако е потребно претходно исечкајте ги на помали парчиња доколку не се) и пржете ги додека да добијат златна боја. Зачинете со сол и црн пипер.




Половина од смесата за печурки наредете ја во еден слој врз пирето. Потоа одозгора ставете ги пропржениот кромид и морковот и на крајот завршете со втората половина од печурките. Завиткајте го садот со алуминиумска фолија и печете на 180 степени, 25 минути.




По изминатото време, извадете ја фолијата и одозгора изрендајте го кашкавалот, па вратете на печење на истата температура уште 7-8 минути додека кашкавалот да фати коричка. По печењето, одозгора декорирајте со свежо сечкан копар. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.