Kонзеpвирањето на сливите е еден од најлесните начини да ги зачувате и да си ги имате овие плодови кога ќе им помине сезоната. Тоа можете да го направите и во вашата кујна, наместо да купувате готово суво овошје.




Веќе сме пишувале за благодетите кои ги нудат сливите врз нашиот организам. Тие се значително многу здрави, па затоа луѓето сакаат да си ги искористат и да ги имаат во текот на целата година. Во свежа форма ги има во текот на летниот период, а од нив се приготвува највкусниот џем, но и познатото слатко од сливи каде во секој плод наместо семка се вметнува по еден бадем (или јатка од орев).




Сливите всушност можете да ги исушите и дома, тоа е многу едноставен процес кој не одзема многу време. При сушење на сливите, не се губат нивните нутритивни својства, туку сите се зачувани во нив. А, ако имате сливи во вашиот двор или градина, тоа е голем бонус за вас бидејќи им го знаете потеклото.




Кога станува збор за подготовката на овие плодови и нивното сушење, најмногу време ќе ви одземе чистењето на сливите, ете колку е лесен и едноставен овој рецепт. Најпрво, измијте ги сливите во неколку води, а потоа поделете ги на половина, а од средината извадете им ја семката.




Сливите е потребно да се исушат добро, а процесот на сушење може да трае и до 10 часа. Порано се сушеле на проветно место, но најдобар и најбрз начин да ги исушите сливите е тоа да го направите во рерна. За дополнително да го забрзате процесот на сушење, сливите може да ги исечете на помали делови.




На познатиот стандарден плех за печење, обложен со хартија, наредете ги сливите со внатрешната страна нагоре, малку оддалечени едни од други за да има струење на воздух помеѓу нив. Сливите не треба да се преклопуваат, ниту да се допираат додека се печат.




Друг начин е да ги боцнете сливите на стапче за ражнич, на тој начин ќе ви биде многу полесно, подоцна треба само да ги свртите за време на печењето, но потребно е сепак да бидат оддалечени една од друга, за да се скрати времето на дехидрација.




Сливите за време на печењето ќе испуштаат многу сок, па во тој случај некои домаќинки практикуваат стапчињата со сливи да се стават директно на решетката за печење, а под неа да стои еден сад каде што ќе се складираат соковите.




Температурата на рерна наместете ја на најниско, околу 50 степени (потребно е само да се сушат), па на секој час проверувајте ги сливите. Повремено, отворајте ја вратичката од рерната за да спречите кондензација од влага. Во случај да се појави повеќе влага, тогаш оставете ја вратичката од рерната малку подотворена за време на печењето (вметнете дрвена лажица).




Сливите вртете и превртувајте ги на неколку часа, за да се постигне рамномерно сушење. Некои луѓе сувите сливи ги сакаат да бидат меки и сочни, па во тој случај се „печат“ пократко, а ако сакате да бидат целосно исушени, „печете“ ги подолго.




Некои сливи бараат подолго сушење од други, тоа зависи од местоположбата на сливите во рерната. Приближно процесот на сушење трае 8 часа, а тоа колку ќе бидат исушени, зависи од вас, како ги преферирате. Трет начин на сушење на сливите е на сонце, кој е евтин и трае подолго од сушењето во рерна. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.