Ова е еден многу лесен и брз рецепт кој може да го направите во деновите кога имате посебен режим на исхрана и не сакате да се оптеретувате со многу калории. Со овој десерт нема да имате грижа на совест бидејќи се прави од многу едноставни состојки, а покрај тоа и здрави. Моите дечиња ги научив на овој рецепт секогаш кога ќе им се пријаде чоколадо, а тие ми велат дека поубаво не пробале.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 2 банани, 160 г овесни снегулки, 1 лажица незасладено какао, 1 лажичка инстант кафе или 100 мл еспресо (доколку го подготвувате за деца, изоставете го кафето), 100 мл топла вода, 100 г цврст јогурт, 2 лажици маскарпоне или крем сирење.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 80 г овесни снегулки, млеко по потреба, кокосово масло, 1 банана, прстофат сол, прстофат мелен цимет, 1 лажица путер од кикирики, еден грст ореви.
ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Во еден подлабок сад ставете ги двете излупени банани, исечкани на средни парчиња. Со виљушка или со рачен миксер изгмечете во пире, без поголеми грутчиња од бананите. Овесните снегулки сомелете ги или купете ги веќе сомелени (како брашно).
Додајте ги во пирето од банани и сѐ заедно измешајте додека да добиете еднолична смеса. Додајте 1 лажица незасладено какао и сѐ заедно измешајте. Настрана измешајте 100 мл инстант кафе со 100 мл топла вода, па додајте во смесата од банани. Доколку колачот го подготвувате за деца, изоставете го кафето и заменете го со неквик или засладено какао.
Измешајте сѐ во еднолична смеса, па распоредете во една поголема чаша или сад или во неколку помали чашки, како основа. Настрана измешајте го цврстиот јогурт (неутрален) со крем сирењето. Лесно распоредете ја белата смеса преку темната и израмнете ја. Ставете го десертот во фрижидер да се олади накратко, па пред послужување наросете го со какао.
ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Oва е нешто слично на сутлијач, само што се подготвува со овесни снегулки. Во едно тенџере ставете ги овесните снегулки, па прелијте ги со млеко, додека целосно да се покријат. Варете на умерен оган додека целосно да скиснат во млекото и да го апсорбираат.
На тавче, растопете малку кокосово или некое друго масло. Исечкајте ја бананата на кругови, па ставете да се пропржи на маслото на тивок оган, додека да фати коричка. Во меѓувреме промешувајте го овесот со млекото. Посолете сосем малку, додајте мелен цимет и една лажица путер од кикирики.
Сѐ измешајте во еднолична смеса која многу ќе наликува на сутлијач. Дегустирајте и по потреба засладете со мед, но секако ова е опционално. Кога бананите ќе фатат коричка, може да ги тргнете од рингла. Подгответе си една чинија за веднаш да го послужите десертот.
РЕДЕЊЕ: на средина ставете го сутлијачот од овес, па врз него наредете неколку крупно или средно сечкани ореви или други јатки. Потоа, наредете ги бананите. Декорирајте со мед или малку растопено чоколадо. Деталите од постапката може да ги погледнете ОВДЕ.