Кофтињата од модар патлиџан се подобри од оние со месо кога ќе се направат на овој начин! Можат да бидат и посни… Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:

600 г (2) модри патлиџани
140 г (1 главица) кромид, сечкан
80 г (1/2) пиперка, сечкана
160 г (1 голем) домат, исчистен од семе и исечкан
8 г (1 грст) сечкан свеж магдонос
10 г (3) чешниња лук, изрендани
100 г лебни трошки (презла)
по 1 лажичка ким, црвен пипер, сол, чили снегулки
1/2 лажичка црн пипер
1 јајце ако не постите

ПОСТАПКА:

Избоцкајте ги модрите патлиџани и испечете ги, па завиткајте ги во кеса додека малку да подизладат. Излупете ги или едноставно извадете ја внатрешноста со помош на лажица. Оставете на цедалка да се исцеди од нив вишокот течност.

Во подлабок сад за мешање соединете многу ситно исечкан кромид, ситно сечкана или рендана пиперка, домат без течниот дел со семето, лебни трошки, зачини и јајце, па добро замесете додека да се соедини сето.

Ако постите не го ставајте јајцето и помалку ставете лебни трошки. Ако смесата е сува сипете сосем малку вода или масло за да ја постигнете посакуваната густина, но најчесто нема потреба.

Добро измесете ја целата смеса додека да стане компактна. Намастете ги дланките со масло и обликувајте ги плескавиците.

Редете ги во плех обложен со хартија за печење, а потоа со кујнска четка премачкјате ги со масло. Печете во загреана рерна на 200°C (400°F) 10-тина минути или додека да заруменат.

По желба, можете да ги испржите во тава на малку масло додека да добијат златнокафеава боја.

Послужете ги вашите вкусни кофтиња од модар патлиџан како мезе или направете вкусен вегетаријански сендвич со вашиот омилен леб. Деталите од постапката погледнете ги ОВДЕ.