Зелкарки – ќофтиња. Овие превкусни ќофтенца мжеби навидум изгледаат како и сите други ќофтиња, но сепак тие се разликуваат по специфичниот вкус. Тие се нежни, меки и вкусни. Се разбира, најубави се кога ќе се приготват со млада зелка.
Потребни состојки: 500 г зелка (околу половина главица), 600 г мелено месо, 1 јајце, 1 главица кромид, 1 чешне лук, 1 лажичка сол, третина лажичка црн пипер или по вкус, 100 г лебни трошки (презла), брашно за валкање, масло за пржење и 60 мл вода за динстање
Постапка: Зелката измијте ја и отстранете ги горните листови. За овој рецепт е доволно една половина од зелка со стандардна големина, односно половина килограм. Исечкајте на крупни коцки.
Исечената зелка ставете ја во сечка или блендер, па додајте и една главица кромид, претходно исчистен и исечен на парчиња. Миксајте/мелете додека да добиете еднолична каша.
Во смесата од зелка и кромид додајте едно јајце и рендано едно крупно чешне лук или две помали. Посолете со една лажичка сол и малку црн пипер или по вкус. Добро измешајте за да се изедначи смесата.
Додајте 100 г лебни трошки и убаво промешајте. Кога сите состојки убаво ќе се изедначат, смесата оставете ја 15-тина минути во фрижидер. Потоа во тава загрејте масло на умерена температура.
Рацете натопете ги во ладна вода, па со лажица црпете од смесата и со дланките формирајте го ќофтето. Потоа валкајте го во брашно (нека се нафати убаво од сите страни).
Подготвените ќофтиња спуштајте ги во загреаното масло и пржете ги додека убаво да заруменат од двете страни. Пржените ќофтиња ставете ги во тенџере со капак, прелијте ги со 60 м вода, па ставете ги на умерен оган да се динстаат.
На овој начин дополнително ќе омекнат од пареата. Послужете ги со сезонска салата, во случајот кругови од црвен домат со ситно сечкан копар. Деталите од постапката погледнете ги во видеото ОВДЕ. Во продолжение прочитајте го и рецептот за диеталните ќофтиња приготвени од тиквички.
Самата тиквичка е многу вкусна, а на ќофтињата им даваат сочност, а за да се збогати аромата ќе додадеме разновиден зеленчук, а урдата ќе го замени брашното. Свежите зачински билки божете да ги одберете според ваш вкус, а може да содржат копар, магдонос, власец и уште куп други зачини.
Совет: сосем малку посолете ги тиквичките и оставете ги 5 минути за да се отстрани вишокот сок, потоа исцедете ги со стискање меѓу раце пред да го започнете приготвувањето.
Потребни состојки: 300 г урда, 300 г тиквички, 1 јајце, половина лажиче сол, 4-5 лажички пченично брашно или по потреба, копар и магдонос по вкус, 2-3 лажици сончогледово масло.
Постапка: во подлабок сад изматете ја урдата со јајцето и посолете по вкус. Додајте ги претходно изренданите тиквички (отстојани и исцедени од сокот), па додајте ги и исечканите зачини.
Потоа додајте го брашното и добро промешајте за да се изедначат состојките.
Од добиената смеса формирајте околу 14-15 топчиња. Топчињата можете да ги пржите или да ги печете во рерна, наредени врз хартија малку намастена.
Ако се одлучите за пржење, загрејте во тавата малку масло, па пржете ги по 2-3 минути од двете страни додека убаво да заруменат и ставете ги врз хартиена салфетка (не се пржат во длабоко масло).
Доколку се одлучите за рерна, тогаш печете ги на 200 степени (брз секое ќофте капнете малку масло одозгора) додека да заруменат. Пробајте еднаш да ги направите на двата начина, па одлучете кој повеќе ви одговара.
Ќофтињата на овој начин се многу вкусни, сочни и меки како сунѓер. нема да се разочарате, особено сите оние кои внимаваат на својата линија. Овие ќофтиња содржат многу малку калории, па дури и доколку ги пржите во маслото, бидејќи не впиваат многу маснотии.
Можете да ги јадите како целосен оброк со прилог од зеленчук или кисело млеко и младо сирење, да ви бидат закуска за помеѓу оброците, но можете да ги резервирате и како појадок или вечера. Уживајте во вкусот! Подолу се фотографиите од првиот рецепт: ќофтиња од зелка