Пробајте и вие еднаш, пригответе ги ќофтињата на нов начин. Можеби на прв поглед ви се чини чудна комбинацијата, ама кога ќе ги пробате ќе се уверите дека се многу вкусни. Досега ќофтињата ги приготвуваме во доматен сос, а сега пробајте нов рецепт..




Потребни состојки: 300 г мелено месо, 1 мала главица сечкан кромид, 2-3 чешниња лук, 1 јајце, сол и црн пипер по вкус, а во смесата може да ставите и кора од леб, претходно натопена и исцедена




За прелив: 2 полни лажици кисела павлака, 200 мл јогурт, 3 лажици рендан кашкавал, 3 чешниња лук, 2 јајца и зачини по ваш вкус. Може да додадете сечкан свеж рузмарим, оригано, сол и црн пипер по вкус




Постапка: во еден длабок сад ставете го меленото месо и додајте му мелен или многу ситно исечкан кромид. Додајте и сетно сечано лукче, едно јајце, по желба натопена и исцедена кора од леб, па зачинете со сол и црн пипер.




Добро измесете ја смесата да биде компактна. Истата можете да ја приготвите од претходниот ден за да има време да се поврзат вкусовите, па само да ја извадите од фрижидер и да ги формирате ќофтињата.




Но, многу се вкусни ќофтињата и доколку од приготвената смеса започнете веднаш да ги правите. Еден помал огноотпорен сад обложете го со хартија за печење, па одозгора намастете го со малку масло.




Потоа со помош на дланките формирајте мали ќофтиња и редете ги врз хартијата. Од оваа смеса мене ми излегоа осум мали ќофтенца. Со помош на силиконска четка наросете ги ќофтињата со масло од сите страни подеднакво.




Ставете ги да се печат во загреана рерна на 200 степени, околу 20 минути, додека убаво да заруменат. За тоа време пригответе го преливот. Во подлабок сад ставете ја киселата павлака и додајте го ситно исечканиот лук.




Потоа додајте две големи јајца и една чаша јогурт од 200 мл. Потоа сите состојки добро изматете ги за да добиете изедначена, хомогена смеса. Печените ќофтиња кога ќе добијат убава боичка, извадете ги од рерната.




Прелијте ги со приготвената смеса, распоредете рамномерно, а одозгора наросете зачини по ваш вкус. Тоа може да биде ситно сечкан рузмарин, оригано, перца од млад кромид, магдонос, црн пипер…




Одозгора наросете малку рендан кашкавал, па вратете го јадењето во топлата рерна да се допече уште 10-15-тина минути, на намалена температура на 180 степени. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.