Рецепт и видео презентација на Тања од Мојата Кујна Тања – Како се прават кнедли за супа или некое вариво. За да ги приготвите кнедлите, ќе ви бидат потребни 4-5 рамни супени лажици гриз, 1 прстофат сол, 1 кафена лажичка масло и едно јајце.
Најпрво одвојте ја белката од жолчката во посебни садови. Белката изматете ја со виљушка или жица-маталка додека да стане пенаста, а потоа додајте ја жолчката и промешајте за да се изедначат. Во изматеното јајце додајте една кафена лажичка масло.
Посолете со прстофат сол и додајте четири рамни супени лажици гриз, па доколку има потреба се додава уште една лажица. Откако убаво ќе промешате, ќе забележите дали смесата е поретка отколку што треба, па дури тогаш додајте уште малку гриз. Ова најмногу зависи од величината на јајцето.
Откако убаво ќе ја соединате смесата, оставете ја да одмори 10-тина минути за да има време гризот да набубри. По изминатото време можете да ги правите кнедлите и да ги спуштате во супата или варивото (во мојот случај тоа е грашок манџа).
Најпрво потопете ја лажицата во варивото или супата, нурнете ја за да се натопи од врелата течност, па црпнете од смесата околу половина лажица или две третини, па спуштете ја во варивото. Повторно натопете ја лажицата убаво пред да црпнете од смесата.
Повторувајте ја постапката додека да ја потрошите целата смеса. Кнедлите од гриз за неколку минути ќе го зголемат двојно својот волумен. Намалете ја температурата и продолжете со готвење уште неколку минути за убаво да се сварат. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
II РЕЦЕПТ – Најдобриот рецепт за кнедли од гриз – супата е фантастична! Како вие ги правите? Ако имате подобар од овој, споделете во коментар! Основниот рецепт содржи масло, но по сугестија на читателка може да се замени со путер и навистина излегува одлично.
Секоја сугестија од ваша страна е добредојдена. Дома многу ми ги сакаат, едноставно се приготвуваат и не се распаѓаат. Не ви е потребна вага за мерење.
Потребни состојки: 1 јајце, 4 супени лажици масло, 8 супени лажици гриз и малку сол. Важно: користете иста лажица како мерка – колку собира масло во лажицата, толку ќе ставите гриз. Значи 8 рамни лажици, а не преполнети.
Постапка: Изматете го добро јајцето со виљушка, додајте масло, сол по вкус, гризот и добро изматете. Измешајте и почекајте минутка-две, може ќе ви се чини ретко, но треба само малку да почекате, гризот да впие.
Сварете ја супата која не смее силно да врие, туку само малку на умерена температура, па ставајте мали кнедлички зошто многу нараснуваат! Користете кафено лажиче.
Варете 5 минути, изгасете го шпоретот, поклопете и кога ќе нараснат готови се. Ситно сечкан магдонос поросете одозгора и уживајте во прекрасниот вкус. Коментар на Маре Димоска: „Прекрасни се, јас наместо масло ставам една лажица путер и малку сечкан магдонос, имаат многу убав вкус, ги обожувам”.