Секое домаќинство си има свој рецепт за ќофтиња, а основните состојки се мелено месо, кромид, јајца и леб или лебни трошки. Зачините се додаваат секогаш по вкус, а целата смеса е потребно да се измеси добро за рака и да отстои најмалку 3-4 часа за да се поврзат состојките.
Овојпат ќе ви го претставиме кипарскиот рецепт за ќофтиња кој се разликува од другите по една состојка, а во продолжение можете да го прочитате и рецептот за „кинезери“ на Том Филос, еден од најпопyларните, затоа што освен што се многу вкусни, од 500 г месо добивате 1 кг ќофтиња. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 (кипарски ќофтиња) – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг мелено месо, 650 г компир, 2 главици кромид, 1 китка свеж магдонос, 3 јајца, 2-3 супени лажици лебни трошки, 2 лажици суво нане, малку цимет (опционо) и малку мускатно оревче, масло за пржење
РЕЦЕПТ 2 (кинезери ќофтиња) – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г мелено месо, 4 јајца, 50 мл сончогледово масло за готвење, 250 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 50 г лебни трошки (презла), 280 мл вода, мелен црн пипер, сол и сув зеленчуков зачин (вегета) по вкус, масло за пржење
ПОСТАПКА за рецепт 1: компирот измијте го, излупете го и изрендајте го на ситната страна од рендето (ова е важно, значи не на крупната, туку на ситната страна). Исцедете го добро со раце за да излезе сета течност од него. Кромидот и магдоност исечкајте ги најситно што можете.
Во длабок сад измешајте го меленото месо, ренданиот и исцеден компир, јајцата, кромидот, магдоносот и лебните трошки, па посолете, запиперете и зачинете по вкус. Добро соединете ја сета смеса со рака, да почнат да се појавуваат кончиња од месото.
Вака измесената смеса покријте ја со кеса и оставете ја да преноќи во фрижидер. Но, ако баш ви се брза, тогаш оставете ја во фрижидер најмалку 3-4 часа за да се поврзат сите вкусови. Потоа обликувајте ги ќофтињата, а остатокот (ако ви е многу), можете да го замрзнете или да го оставите во фрижидер за подоцна.
Во широка тава загрејте масло на умерена температура (да го прекрие дното и уште малку), па спуштајте ги ќофтињата и пржете ги по неколку минути од двете страни додека убаво да заруменат. Превртете ги неколку пати, додека да ја постигнете посакуваната боја, па вадете ги врз хартиена салфетка. Следи постапката за подготвување на кинезери ќофтињата:
ПОСТАПКА за рецепт 2: Во подлабок сад ставете го меленото месо и додајте четири јајца. Со рака измесете ја смесата додека јајцата да се впијат во месото. Потоа додајте 50 мл масло и повторно замесете додека тоа целосно да се инкорпорира.
Во посебен сад просејте го брашното и помешајте го со една кесичка прашок за печиво. Започнете постепено да го додавате во месото (на два-три наврати), додека го месите рачно. Треба да се изедначи и да не останат грутчиња.
Потоа додајте ги лебните трошки и повторно замесете за да се распоредат. Во овој момент смесата е доста густа, па започнете постепено да ја додавате водата. За сето време месете со рака. На крај зачинете по вкус и повторно промешајте. Треба да добиете полутечна, густа, хомногена и изедначена смеса.
Покријте го садот со кеса или најдобро со кујнска стреч-проѕирна фолија и оставете ја смесата да отстои неколку часа во фрижидер, а најдобро преку цела ноќ. За тоа време смесата ќе згусне и сите зачини ќе се впијат и искомбинираат.
Во широка тава ставете масло (мин 2 см) да се загрева на умерена температура. Во една мала чаша или шолјичка ставете ладна вода или масло, па пред црпнување од смесата натопувајте го малото лажиче.
Спуштајте мали топчиња во загреаното масло и пржете ги од двете страни додека убаво да заруменат. Вадете ги со решеткава лажица врз чинија обложена со хартиена салфетка, за да се впие вишокот маснотија. Деталите погледнете ги ОВДЕ.