Фотографии и рецепт на Јасминка Ристова – Нема ништо поубаво од тоа да го започнеме месецот со месени кифли и погачи. Се замесува поголема количина на тесто од 2 кг брашно, а потоа од него си правите кифли, погачи, лепчиња, милиброд и разни други печива по ваш избор.
Рецептот беше објавен во групата НМД рецепти од нашата драга членка Јасминка Ристова. Таа има златни раце и е вистински мајстор кога станува збор за месени печива од теста или кори. За нашите читатели и членови во групата ни ја откри тајната за најубавото тесто од кое сите печива излегуваат прекрасно.
Потребни состојки за тесто: 1 литар млеко, 2 кг брашно, 2 коцки свеж квасец, 2 цели јајца, 2 белки, 2 лажици сол, 4 лажици шеќер, 250 г путер или маргарин. За премачкување на печивата: 2 жолчки со малку млеко. И уште: путер или маргарин за премачкување на тепсијата и за врз печивата, сусам за наросување, по желба.
Постапка: Млекото загрејте го да биде млако (не смее да биде премногу топло), па во него растворете 4 лажици шеќер и издробете две коцки свеж квасец. Додадете и малку брашно (околу една чаша), па промешајте додека убаво да се раствори и да нема грутчиња.
Оставете на топло додека квасецот да се активира и малку да запени. За тоа време растопете го путерот или маргаринот и оставете го да подизлади, да биде млак, а исто така и јајцата треба да бидат оставени на собна температура. Кога ќе се активира квасецот додадете ги останатите состојки.
Најпрво додадете ги двете јајца и двете белки, а во жолчките веднаш додадете малку млеко (околу 5 супени лажици) и промешајте ги за да не се стврднат додека да стасаат печивата за мачкање. Покријте ги со проѕирна фолија и оставете ги во фрижидер или на ладно до употребата.
Во смесата додадете го и путерот/маргаринот, па добро промешајте со жица маталка или лажица за да се изедначат состојките. Доколку имате миксер за месење тесто, сите состојки треба ги ставите во длабокиот сад и да го вклучите апаратот да го измеси тестото додека тоа започне да се одвојува од ѕидот.
Доколку тестото го месите рачно, во тој случај, започнете брашното да го додавате постепено во течните состојки. Во брашното додадете ја и солта. Најпрво мешајте со лажица, а кога тестото ќе стане доволно густо, месењето продолжете го со рака и натаму постепено додавајќи го брашното.
Добиеното меко тесто оставете го во садот и покријте го со проѕирна фолија, па оставете го на топло место да стасува околу 30-40 минути додека да го удвои својот волумен. Кога еднаш ќе стаса, истресете го на набрашнета работна површина и премесете го.
Повторно вратете го во садот, покријте го со проѕирната фолија и оставете го да стасува уште еднаш, околу половина час. Откако ќе стаса по вторпат, тестото е подготвено од него да се формираат разновидни печива, кифли, погачи, а може дури и милиброд.
За кифли: направете топчиња, развлечете ги во овална кора со помош на оклагија, ако сакате дополнителено „листање“ на тестото, тогаш премачкувајте ги со растопен путер, засечете ги со неколку засеци од едната страна (не до крај), филувајте ги со сирење и виткајте ги.
Вака приготвените кифли редете ги во добро намастен плех со путер, покријте ги со памучна крпа да стасуваат околу 20-тина минути додека да го зголемат волуменот, а потоа одозгора премачкјате ги со разматените жолчки во кои претходно додадовте малку млеко и наросете ги со сусам.
За погачи: правете кифли на истиот начин или со други форми, редете ги во намастена тепсија со путер, во круг и декорирајте по желба. Покријте ја и оставете ја да стаса, а потоа премачкајте ја со разматени жолчки и наросете ја со сусам или семе по желба.
За милиброд, тестото можете да го филувате со мешан мармалад или џем по ваш избор и дополнително да ставите ореви и брусница или суво грозје. Пред печењето на печивата одозгора ставете мали парчиња како лешник исечкан путер или маргарин.
Печете ги во претходно добро загреана рерна на 220 степени, а потоа намалете на 200 степени и печете додека да заруменат печивата, околу 20-30 минути во зависност од рерната. Печењето прилагодете го според вашата рерна и според големината на печивата. Фотографии и рецепт на Јасминка Ристова.