Оваа кремаста кекс торта ме научи да ја правам баба ми уште кога бев тинејџерка. Комбинацијата на вкусови на пудинг, рум, кафе и бисквити е вистинска симфонија која ги враќа сеќавањата на некои убави изминати денови.




Без печење и евтино се приготвува, можете да ја направите во секој момент и за неколку минути ќе биде готова. Според мене најтешкиот дел е тоа што треба да чекам да се излади во фрижидер.




Се изненадив кога видов дека на интернет нема рецепт за оваа торта. Има слични рецепти, но овој не. Ова е торта која баба ми ме научи да ја правам. Тоа е една од првите колачи што некогаш сум ги направилa. Кремастa е, лесна, не е тешка или премногу блага. Се прави многу лесно и доста брзо. Одлична е за почетници.



Потребни состојки: 60 парчиња бисквити (кекс) или 2 пакувања, 2 кесички пудинг од чоколадо, 6-8 лажици шеќер, 700 мл млеко, 100 г маргарин, екстракт од рум, кафе, малку млеко за мешање со кафето, 150 мл кисела вода, 1 кесичка чоколадна шлаг пена, 1 чоколадна коцка за декорирање.




Постапка: Во 200 мл ладно млеко ставете ги двете кесички пудинг од чоколадо. Промешајте со лажица и додајте 6 лажици шеќер. Ако сакате пудингот да биде поблаг тогаш додајте 8 лажици шеќер и добро соединете.




Преостанатите 500 мл млеко ставете ги во тенџере на рингла и почекајте да зоврие на средна температура. Кога млекото ќе зоврие постепено додавајте ја смесата со пудинзите и мешајте со жица за матење.




Варете на средна температура додека пудингот да се згусне, а потоа тргнете го тенџерето од оган и одозгора покријте го со проѕирна фолија за да не фати коричка. Во меѓувреме направете го кафето (нескафе) со врела вода.




Добро промешајте, па во него додајте неколку капки екстракт од рум и малку млеко. Соединете. Исто така, наместо нескафе може да правите и со домашно обично кафе, но треба да го процедите. Рум можете да додадете колку сакате, зависи колку ви е пријатен неговиот вкус. Нема да згрешите ако ставите и повеќе.




Земете еден плех со средна големина каде што ќе ја ставите тортата. Натопувајте една по една бисквита во кафето (изладено) и редете ги на плехот. Одозгора премачкајте со изладениот пудинг и добро измазнете. Пудингот се дели на половина бидејќи се премачкува на двапати.




Одозгора редите втор ред бисквити натопени во кафе и премачкувате со пудингот. Врз третиот ред бисквити премачкувате со чоколадниот шлаг кој се подготвува вака: во газирана вода додајте ја кесичката чоколаден шлаг и добро изматете со миксер во цврст крем.




Тортата може да ја декорирате со виљушка и да изрендате врз неа малку чоколадо, а со остатокот од чоколадниот шлаг може да декорирате по страните со кујнски шприц. Тортата се остава преку ноќ во фрижидер за добро да се стегне. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.